Политичките партии и на овие избори ќе бркаат повеќе гласови со доктори за градоначалници
Доктори и на овие избори ќе бидат главен адут на политичките партии. Само во скопските општини досега се познати имињата на четворица лекари кои ќе се тркаат за местото градоначалник. Радиологот Александар Стојковски од ВМРО ДПМНЕ ќе бара втор мандат за прв човек во Ѓорче Петров, анестезиологот Маја Мојсова Мијовска е кандидат од СДСМ за Карпош, нејзиниот сопартиец ортопедот Александар Трајановски ќе ги бара гласовите од жителите на Аеродром, а дигестивниот хирург Бујар Османи од ДУИ ќе се бори да раководи со Чаир. Партиите веќе имаат назначено кандидати доктори и во други општини меѓу кои Гостивар и Охрид.
Според комуникологот Бојан Кордалов со кандидирањето на доктори во локалната власт водејќи се по рејтинзите им прават штета на граѓаните и општеството. Зошто е тоа така, тој посочува три работи.
- Политиката е јавна професија и треба сите професии и сите луѓе да бидат застапени. Меѓутоа во исто време постојат професии кои се дефицитарни и уште подобро е да бидат на своите работни места, бидејќи зависи општеството, зависи животот, зависиме сите ние. Тоа не значи дека не треба да има доктори на кандидатските листи. Меѓутоа ако сите доктори, меѓутоа ако сите доктори, сите ИТ инжинери, занаетчии се најдат на листите, навистина многу брзо ќе се почувстува проблем, односно ќе се почувствува дефицит во функционирањето на државата во своите најосновни и најсуштински потреби, изјави за Сител Бојан Кордалов, комуниколог.
Третата и многу важна дилема која ја поставува комуникологот е како општество да се прашаме и да анализираме зошто одредени луѓе не само доктори туку лица и од други професии кои се добро платени, признаени и препознаени одлучуваат да влезат во политиката.
- Тоа е нешто што треба добро да се размисли и да ни даде одговор на прашањето дали политиката е повеќе некаква привилегија или претстава за некаква потенцијална корупција илки за некакви потенцијални големи привилегии отколку она што навистина треба да е политиката како служба за народот, односно вршење јавна услуга во името и за граѓаните, смета Кордалов.
Покрај како кандидати за градоначалници неспорно е дека голем број доктори и на овие локални мизбори ќе се најдат на советничките листи на партиите имајќи во предвид дека пред 4 години на истите имаше стотина лекари.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар