Партиите го следат случајот ДКСК, ќе побараат ли разрешување?
Обвинението против актуелната претседателка на антикорупциската комисија, засега не е доволен поттик да се бара нејзино разрешување во Собранието.. Откако Татјана Димитровска е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат, од двете најголеми парламентарни партии не прецизираат дали ќе почнат постапка за одземање на нејзиниот мандат.. Во владејачката партија се анализирале повеќе можности и уверуваат дека ќе се постапува законски..
„Постојат неколку опции, се разгледуваат сите опции во моментот и она што е важно да се напомене и јавноста да знае е дека законите важат за сите и одговорност ќе има“, изјави Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.
Случајот будно го следела и опозицијата, но за конкретни чекори, ќе се чекала судската разрешница..
„Ние го следиме овој случај, го следиме внимателно, ги следиме детали кои се поврзани со овој случај и согласно тоа што ќе се случува, како и судска разрешница и целиот процес, согласно тоа, секако дека ние ќе го изградиме и нашиот став по ова прашање“, изјави Богданка Кузевска, Портпарол на СДСМ.
Законот за спречување на корупција предвидел неколку услови за разрешување на првиот антикорупционер – ако неоправдано отсуствува од работа, ги прекрши правилата за судир на интереси, или, ако е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.. Престанок на функцијата следи и со правосилна пресуда од најмалку шест месеци затвор.. Процесот го води Собранието, по предлог на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата..
Димитровска, уште во текот на истрагата објави дека нема намера да се повлече од фунцијата, бидејќи смета дека без судска пресуда, секој е невин.. По предлог на обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот и го одзема и пасошот..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар