Тројца загинати и двајца повредени е црниот биланс на сообраќајната несреќа на експресниот пат Штип-Радовиш
Тешка сообраќајна несреќа со кобни последици се случи утринава на експресниот пат Штип - Радовиш. Во несреќата животот го загубија 3 лица, а две се тешко повредени. Според првичните информации комбе кое превезувало работници излетало од мостот на Балталиска река, во близина на село Лакавица, штипско.
Неофицијално дознаваме дека загинатите се странски државјани од Бангладеш, работно ангажирани од струмичка компанија. Од СВР - Штип информираат дека во 8.00 часот кај нив е пријавено дека товарно возило марка „фиат дукато“ со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Струмица, управувано од 35 годишен жител на село Иловица, струмичко, во еден момент изгубило контрола и излетало од патот.
Двајца работници починале на лице место, а третиот по укажаната реанимација и подлегнал на повредите. Возачот на комбето и уште еден работник со тешки телесни повреди со возила на брза помош се пренесени во штипска клиничка.
Од болницата потврдуваат дека кај нив е хоспитализирано едно лице на кое му се вршат детални лекарски прегледи. Првично се наведува дека причина за кобната несреќа е неприлагодена брзина на условите на патот или технички проблем на возилото, но истрагата ќе ги утврди вистинските околности за сообраќајката која зема 3 човечки животи.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар