Цела недела топлотен бран – од утре мало разладување
Со температури над 40-от степен Македонија ја живее најтоплата недела оваа година. Според прогнозата од утре ќе има мало разладување на времето. Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека тешко ги поминуваат горештините и ги почитувале препораките од лекарите.
За време на топлотниот бран неделава мобилните тимови на скопскиот Црвен крст имале 27 интервенции кај граѓани на кои им била потребна прва помош поради жешкото, а поделиле дури 3600 шишенца вода.
- Вкупно 58 волонтери беа вклучени во дистрибуција на вода, мерење притисок и транспорт до дома. Само последната недела кога беше најжешко, имавме 27 интервенции и 7 транспорти до дома. Постојано сме во контакт со сите целни групи на кои им е потребна подршка, изјави Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвен крст на Град Скопје.
За време на топлотниот бран немале многу пријави за влошена состојба кај бездомици. Пунктот во Момин Поток бил отворен секој работен ден за да им излезат во пресрет на 180 –те лица кои останале без дом.
- Се прилагодивме на се она што е потребно за нив, добиваат дополнителни напитоци, храна, хигиената ја подигнавме на повисоко ниво и имаат можност секој ден да ги користат сите капацитети со кои располага пунктот за бездомници во Скопје, рече Тунева Пауновска.
И покрај екстремно високите температури неделава немале многу интервенции 114 –те волонтери на Црвениот крст кои биле ангажирани како медицинско обезбедување на 116 локации во Скопје и Куманово каде се одржуваат натпревари од младинската олимпијада.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар