Македонија
12. August 2025 - 16:35

Македонија има визија за Вештачка интелигенција, но само декларативно

Македонија има визија за Вештачка интелигенција – но само декларативно.

Државата во последните пет години инвестирала повеќе од шест милиони евра за 48 проекти со Вештачка интелигенција. Но ниту еден од овие проекти не е имплементиран, констатира Државниот завод за ревизија.

Во последниот извештај ДЗР вели дека на државата и недостасува Национална стратегија за вештачка интелингеција, законска регулација и акциски план со рокови.

Во 2021 година имало обид за носење на една ваква стратегија. Формирана била работна група од домашни експерти кои се глобално признаени професионалци, но одржан е само еден работен состанок и не е изготвена стратегијата.

Уште од смената на власта меѓу првите најави беше Национална стратегија за ИКТ. Сега, нешто повеќе од една година, министерот Андоновски вели дека Стратегијата конечно е во владина процедура и очекувањата се дека ќе биде донесена до крајот на летото или почетокот на есента. Од неа ќе треба да произлезе Стратешка акциска рамка за примена на Вештачката интелигенција.

-Стратешката акциска рамка ќе претпоставува владин документ којшто ќе даде задачи или активности на сите институции коишто сметаат дека можат да употребуваат алатки на Вештачка интелигенција затоа што знаеме дека овие алатки се корисни во различни полиња и сектори. Очекувам дека ќе се зголеми употребата и во другите домени, образование, здравство, зошто да не и земјоделие, технологија, инфраструктура и изградба. Така што, мислам дека ќе најде своја употреба, вели Андоновски.

Андоновски не се согласува со ДЗР дека е потребно законско регулирање на Вештачката интелигеција во овој момент. Вели, некои европски држави избрзаа, станува збор за технологија која е во развој и прво треба да се види во која насока ќе оди, па дури потоа кога работите ќе станат појасни да се носи и законско решение.

Првите суперкомпјутери се инсталирани уште во 2012 година и тоа на Охридскиот универзитет и на ФИНКИ. Но тука запреле и инвестициите. Според ДЗР, Македонија ја нема неопходната инфрастрактура за успешен развој на Вештачка интелигенција.

Државата заедно со најголемите факултети аплицирала на меѓународен проект за вложување во национален јазичен модел базиран на вештачка интелигенција. Токму преку него држават планира да вложи околу милион евра во три години.

-Државите од регионот отидоа во набавка на најновите, најмодерните суперкомпјутери. Ние не се амбицираме да купиме нешто што не знаеме да го користиме, туку преку вакви проекти веднаш да започнеме со искористување. Кога ќе почувствуваме дека ние потребна нова опрема секако државата е тука. Ова не се инвестиции кои не можеме да си ги дозволиме како држава, вели Андоновски.

Македонија е на дното во регионот во оваа сфера. Според податоците, послаби од нас се само Црна Гора, Албанија и Косово, а Словенија е лидер во регионот.

ДЗР препорачува итно донесување на стратегија, подобрување на инфраструктурата и дигиталните вештини на кадарот во јавниот сектор, како и воспоставување на централизирана база на проекти базирани на Вештачка интелигенција. Ова технологија има потенцијал да ги подобри ефикасноста, транспарентноста и квалитетот на јавните услуги.