Интерна комисија ќе истражува – колку операции на срце имало во државни и приватни болници од 2022 -2025 година
Сите кардиолошки и кардиохируршки интервенции во државни и приватни здравствени установи под лупа на интерна комисија формирана од Министерството за здравство. Посебен фокус на членовите на Комисијата ќе биде периодот од 2022 до 2025 година. Треба да направат собирање, обработка и анализа на податоците и не само на интервенции кои ги покрива Фондот туку и тие што пациенти ги плаќаат приватно.
-Очекувам комисијата да испорача резултати, кои се објективни и произлегуваат од максимално професионално и независно спроведен процес. Резултатите од работата ќе бидат важни од аспект на реално утврдување на состојбите и поставување цврста основа за унапредување на менаџирањето во здравството, кажал на утринскиот состанок министерот Алиу.
Интерната комисија е составена од доктори од клиниките за кардиохирургија и кардиологија, од торакална, приватните болници Аџибадем Систина и Жан Митрев, од клиничките болници во Тетово и Битола како и претсавници од Министерството и Фондот за здравствено осигурување.
Од Министерството велат дека веќе доставиле допис до јавните здравствени установи да достават податоци за извршени коронарографии, стентирања, васкуларни ангиографии и кардиохируршки интервенции во периодот од јануари 2022 до август годинава.
Наодите од анализата на итерната комисија ќе бидат доставени дио странските доктори кои ќе го прават стручниот надзор за наводите на д-р Сашко Кедев дека во приватни болници отворале граден кош и правеле непотребни операции. Меѓутоа тимот се уште не е комплетиран и не се знае кога ќе почнат со работа.
Сите овие активности во Министерството доаѓаат по тврдењата на Кедев за непотребни интервенции само за профит. Алиу вчера го испи утринското кафе со интервентниот кардиолог, но конкретно што разговарале не кажаа.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар