Македонија
17. September 2025 - 12:21

Ноќеска тишина го обви Штип - „Ѕвездено небо“ за загинатите во Кочани

Вчеравечер Штип не беше само град – беше болка, тишина, солза што не престанува да тече. Стотина граѓани на плоштадот „Слобода, со свеќи во рацете и тежина во душите, се собраа за да им оддадат почит на младите животи што згаснаа во трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.

Секоја свеќа беше глас за оние што повеќе не можат да зборуваат. Секоја солза беше сведоштво за загубата што гo погоди не само Кочани, туку цела Македонија. Секоја прегратка меѓу присутните беше тивко разбирање – дека ништо нема да ги врати, но споменот за нив ќе живее засекогаш.

Штип, со својата тивка храброст, покажа дека болката не познава граници. Дека кога страда еден град, страда цела нација. Со молитви, со молк и со скршени срца, граѓаните се поклонија пред младоста што недолжно замина.
-Да им испратиме порака, да им испратиме светлина за да видат дека не се заборавени! Штип не заборава! Кочани, заедно сме со вас!, порачаа штипјани до семејствата на загинатите.

Ѕвездено небо како порака дека светлината постои и во најмрачните денови, кога зборовите се премалку, останува само да се надеваме – дека вакви трагедии нема да се повторат, дека животот ќе се цени повеќе, и дека љубовта и солидарноста ќе останат единствениот наш одговор на болката. 

На 16-ти март во пожарот во дискотеката загинаа 62-ца младинци, меѓу кои и петмина штипјани.