Македонија
17. September 2025 - 16:28

„Ниту една повеќе“- повик за протест на граѓанските организации

Случајот во Велес ги крена на нозе граќанските организации во државата. Од Хелсиншки Комитет повикаа на протест утре пред МВР и паркот жена борец. „Ниту една повеќе“ е слоганот под кој од организацијата утре ќе протестира како што велат во повикот против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните. 

„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да излеземе на улица – онаму каде што насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи!

Од Хелсиншки велат фемицидите стануваат се побројни во нашето општество поради непостапувањето на полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа  а жртви се цели семејства. Само во последните 5 години најмалку 20 жени се убиени. И покрај тоа што пред две години беа направени законски измени и за прв пат беше дефиниран и криминализиран фемицидот, најновиот случај покажува дека законската рамка не е доволна доколку ефикасно не се применува во пракса. 

Од комитетот за човекови права бараат итни оставки и дисциплински постапки на одговорните службени лица, независна истрага за институционалните пропусти во случајот, специјализирани механизми за заштита на жените, законска рамка за превенција. На повикот за протест се приклучија и други граѓанската организација како „ Стела“ и „Тиит“. 

По трагедијата во Велес, СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни и разрешување на цело СВР Велес. 

Убиецот Илија Стефановски ја избоде до смрт својата поранешна партнерка Росица од Велес и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде животот, бил познат на Обвинителството. Против него се воделе постапки за закани и насилство. Од почетокот на годинава таа го пријавувала убиецот Илија седум пати во полиција. За вознемируување, физички напад, цртање графити со заканучвачка содржина, палење автомобил, непочитување на забрана за приближување.