Преглед на вестите од светот
Францускиот претседател Емануел Макрон на Генералното собрание на Обединетите нации објави дека Франција ја признава Државата Палестина. Тој ја соопшти одлуката на отворањето на Конференцијата за мирно решавање на палестинското прашање и примената на концептот за две држави.
Претседателката на Генералното собрание на ООН, Аналена Бербок, изјави дека светот стои на „крстопат“ кој потсетува на моментот на основањето на ООН по Втората светска војна. Поранешната германска министерка за надворешни работи оцени дека денес „часовите повторно изгледаат мрачни“.
Таа ги истакна глобалните кризи, вклучително гладот во руините на Газа, војната во Украина, сексуалното насилство во Судан, насилството од банди на Хаити и неконтролираниот говор на омраза онлајн.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш и Бербок признаа дека ООН се соочуваат со длабока криза среде порастот на националистичките идеологии низ светот.
Во напад со украински беспилотни летала врз одморалиште на полуостровот Крим загинаа три лица, а 16 беа повредени. Нападот се случи во текот на вчерашниот ден. Руското Министерство за одбрана соопшти дека околу 19:30 часот по московско време во одморалиштето на Крим, каде што нема никакви воени цели, украинските вооружени сили започнаа терористички напад користејќи ударни беспилотни летала опремени со високоексплозивен товар“.
Сергеј Аксјонов шеф на Крим изјави дека едно училиште во Форос е исто така оштетено, а паѓачките остатоци од беспилотни летала предизвикаа пожари на отворено во близина на Јалта по должината на јужниот брег на Крим.
„А НАТО и Европската Унија, кога го бараат агресорот на европскиот континент, треба да се погледнат во огледало за да го видат ова“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова,за новинската агенција ТАСС.
Украинските власти не дадоа коментар за инцидентот.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар