На полноќ почнува изборната кампања
309 кандидати за градоначалници и 576 листи за советници од вечерва на полноќ ја стартуваат кампањата за осмите по ред локални избори во Македонија кои ќе се оддржат на 19 октомври.
Со програми и проекти за граѓаните преку политичките партии или како група избирачи преку митизи и средби со избирачите во следните 20 дена ќе се обидат да добијат поголема доверба која ќе им ја обезбеди позицијата во локалната власт.
ВМРО ДПМНЕ изборната кампања ја стартуваат со митинг од Скопје, СДСМ на првиот ден од кампањата почнуваат во Крушево, ВРЕДИ со митинзи ќе стартува во Скопје, но во вторник, а од ДУИ не откриваат.
Ова ќе бидат избори со најголем број на учесници кои влегуваат во изборната трка, по можноста со два потписа секој да може да се кандидира. Најголем број на кандидати за градоначалник има за Град Скопје односно 16 Скопјани ке добијат 4 избирачки ливчиња со оглед дека избираат и градоначалник и совет за општината каде се запишани.
Во останатите 80 општини гласачите ќе добијат по две ливчиња.
Во пресрет на кампањата, првиот човек на ДИК во интервју за МИА порача дека Комисијата е подготвена за изборниот процес, а во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера.
И претседателот на Собранието Африм Гаши, упати јасен повик до сите учесници изборната кампања да се води во духот на демократските принципи.
Право на глас на локалните избори имаат 1 832 415 гласачи.
Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои се на привремена работа или живеат во странство допатуваат во земјата ќе можат да го остварат своето право на глас. Во 132 избирачки места во кои се потпишани помалку од десет избирачи гласањето ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.
Изборна кампања ќе трае до 17 октомври на полноќ.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар