Нов Клинички на местото на ГОБ “8 Септември”?
Властите сериозно размислуваат новиот Клинички Центар да биде на местото на ГОБ “8 Септември”. Според министерот за здравство конечна одлука не е донесена, бидејќи се уште траат анализите на експертите, но локацијата и постоечкиот објект ги задоволувале потребите.
-Првиот услов бидејќи имаме цврста градба која ги задоволува условите, имаме инфраструктура со два булевари и трето слободен простор за градба на нова инфраструктура, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Доколку новиот клинички центар биде на оваа локација се планира на просторот помеѓу болницата и салата Борис Трајковски да се изградат нови објекти, и истите со сегашната зграда да бидат поврзани со подземен премин под булеварот Илинденска.
Алиу вели дека размислуваат каде би се дислоцирала ГОБ “8 Септември” која во моментот го покрива секундарното здравство, а се отвора и прашањето што ќе биде со трите факултетите: медицински, стоматолошки и фармацевстки кои се наоѓаат во комплектот “Мајка Тереза”.
-Сите тие предизвици ги анализираме и затоа анализите се уште траат, рече Алиу.
Во последните 15-тина години во јавноста се споменуваа повеќе локации за изградба на Нов Клинички. На местото на сегашниот комплекс во 2017-та беше и потпишан и договор со италијанците кои сега од државата бараат над 20 милиони евра отштета. Во опција беше и касарната Илинден, а претходната Влада го фаворизираше проектот во Ѓорче Петров. Но, ниту една идеа не се реализираше.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
