Нов Закон за јавно обвинителство денеска на владина седница
Целосно нов Закон за јавно обвинителство денеска треба да помине на владина седница, информираше министерот за правда Филков. Законот во јануари ќе влезе во собраниска процедура и е дел од обврските од ЕУ-агендата, кои треба да се исполнат до крајот на март.
Со новото законско решение се воведува нова постапка за избор на државниот јавен обвинител. Кандидатите ќе мора јавно да ги објават своите програми, а Советот на јавни обвинители јавно ќе ги објавува мислењата за секој кандидат.
Сепак, јавниот обвинител што ќе го наследи Коцевски, по неговата оставка, ќе се избира според старите правила. Иако Собранието веќe донесе одлука за избор, огласот сè уште не е распишан.
„Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавувањето на одлуката во Службен весник“, велат од кабинетот на собранискиот спикер Гаши.
Новините предвидуваат и почести оценки на работата на обвинителите. Наместо на секои четири, тие ќе се оценуваат на секои три години. Доколку обвинител добие негативна оценка, ќе следи вонредна проверка, а повторно негативна оценка ќе значи и можност за разрешување. Дисциплинските постапки ќе бидат јавни.
Паралелно, подготвени се и измени на Законот за Советот на јавни обвинители, со построги критериуми за избор на членови.
По речиси две години најави, до крајот на јануари ќе започне и процесот за измени на Изборниот законик. Парламентарните партии и независните пратеници добиле задолжение од министерот за правда Филков, до средината на следниот месец, да номинираат по двајца претставници за работна група која ќе изготви текст што треба да биде усвоен со поширок консензус.
Иако почетокот на процесот е утврден, од Министерството за правда засега немаат рок до кога партиите ќе треба да ги завршат преговорите.
„Текстот на кој ќе се работи се темели на измените што Министерството ги подготви уште во јуни 2025 година за претходните локални избори, но кои не беа усвоени. Во него се вклучени само дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, велат од Министерството за правда.
Политичките прашања, како евентуална промена на изборниот модел (една изборна единица) или финансирањето на изборната кампања, ќе бидат оставени на договор меѓу политичките партии.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
