Антикорупциска одлучи: Идната година ќе го проверува имотот на 60 високи функционери
60 високи функционери ќе бидат „мета“ на Антикорупциска во следната година. Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ја проверува нивната имотна состојба. Меѓутоа, сѐ уште не се знаат имињата на функционерите кои ќе бидат опфатени, бидејќи тие ќе се утврдуваат во текот на јануари.
Новиот претседател на ДКСК Адем Чучуљ рече дека зголемувањето на бројот на проверки е по препорака на Европската Комисија.
-10 судии, 10 јавни обвинители, 10 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 10 министри во Владата на Република Северна Македонија, 10 градоначалници и 10 лица на кои им престанала функцијата градоначалник со локалните избори 2025 година. Така што, вкупниот број на лица кои би биле предмет на проверка согласно овој годишен план ќе изнесува 60 функционери, вели Чучуљ.
Антикорупциска го изгласа и планот за следната година, според кој, ќе ја следат состојбата во секторите кои се најподложни на корупција - правосудството, законодавната власт, извршната власт и локалната самоуправа.
Членовите на ДКСК го изгласаа и ставањето вон сила на Упатството за рангирање на предметите за постапување, што во суштина би значело дека сега сите предмети кои ќе ги отворат ќе бидат под еднакво важни.
- Во практично постапување по ова упатство, констатирано е дека истото не даде резултат, односно овозможува можност за субјективност. Во тек се, изготвени се измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси кај кои дополнително се регулира начинот на постапување по предмети, а врз основа на тоа, би направиле измени и дополнување на Деловникот, со што на поадекватен начин би го уредиле ова прашање.
ДКСК пред две недели алармираше дека 35 поранешни и 19 новоизбрани градоначалници не ја пријавиле својата имотна состојба во предвидениот рок, што е законска обврска. И на денешната седница разгледани беа неколку предмети.
Но констатирано беше дека тие ја платиле глобата, и со тоа ДКСК ги заокружува предметите. Или тоа би значело дека со плаќање глоба во висина од 300 до 500 евра, јавноста никогаш нема да дознае колку еден функционер спечалил за себе во својот мандат.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
