Паркирањето во центарот на Штип целосно се дигитализира
Зонското паркирање во Штип целосно се дигитализира и автоматизира, по примерот на европските урбани центри, со цел поголема функционалност на сообраќајот на централното градско подрачје.
Импементацијата на системот започнува од утре, 1-ви јануари. Ќе има три зони А, Б и Х, поделени во 6 реони, со кои се ограничува зонското паркирање.
- Зоната Х ќе продолжи да биде хуманитарна и сите генерирани приходи во одреден процент ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Граѓаните ќе имаат можност со набавка на реонски карти да паркираат согласно своите потреби, а исто така ќе имаат можност преку набавка на универзална карта да го користат јавниот паркинг без ограничување, изјави Панче Стефановски, директор на ЈП „Стипион“- Штип.
Дополнително ќе бидат набавени две специјализирани еколошки возила на кои ќе бидат поставени камери, во движење ќе се отчитуваат регистарските теблички на паркираните возила и ќе испраќаат податоци во реално време на специјален софтвер, кои ќе алармира дали возилата имаат платено за услугата или не, односно, дали има важечки билет за реонот во кој се паркирани.
- Кај возилата кај кои нема да има наплата ќе биде издаден доплатен билет, а возилата кои се непрписно паркирани, ќе бидат блокирани или отстранети со специјално возило „пајак“. На овој начин ќе се намали влијанието на човечкиот фактор, ќе се автоматизира процесот, додаде Стефановски.
На платформите на река Отиња и затворените паркинзи ќе бидат поставени околу 50 видео камери, како дополнителна фаза од „паметен град“ со цел да се регулира паркирањето и за поголема безбедност на паркираните возила.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
