„Безбеден град“ дава резултат
Сејф Сити го смири сообраќајот во Скопје, покажува статистиката на МВР. Министерот Тошковски вели дека во декември во Скопје немало ниту еден смртен случај во сообраќајна несреќа, наспроти пет во текот на минатата година.
МВР бележи пад од 20% на вкупниот број на сообраќајки, но и пад од 35% на бројот на повредени.
Недостасуваат уште Законот за прекршоци и Кривичниот законик да биде донесен во Законодавниот дом за Сејф Сити да може и официјално да профункционира.
За Законот за прекршоци потребно е 2/3 мнозинство, а Тошковски апелира пратениците да гласаат позитивно.
- Доколку македонските граѓани покажуваат вакви резултати во позитивна насока само во рамки на тест периодот, јас сум сигурен дека пратениците ова ќе го имаат предвид и во иднина и те како ќе овозможат да ваков тип на еден паметен систем го имплементираме така како што треба да го имплементираме, не само во рамки на тест период. Очекувам дека ќе го направат тоа најбрзо што можат и од први-втори да почнеме и со официјална примена на овој систем, рече Тошковски.
Премиерот задоволен од тест-периодот на Системот. Уверува дека сообраќајот е смирен и во местата кадешто сѐ уште не е поставена инфраструктурата за Сејф Сити.
- И во градовите каде што нема инсталирано ваков тип на апликација, луѓето внимателно возат, но и на автопатите коишто веќе имаат инсталирано ваков тип на уреди. Така што ние продолжуваме и понатаму да го подготвуваме системот. Не очекуваме дека од први февруари брилијантно секаде ќе функционира и дека не се можни некакви грешки, отстапувања, но тоа во процесот како ќе расте, така и ние ќе растеме со него, така и ќе го нивелираме, рече Мицкоски.
Сејф Сити првично требаше да почне од денеска, но МВР одлучи да ја одложи неговата примена од 1 февруари. Полицијата одлучи да остави и праг на толеранција за брзо возење, што би значело дека казни нема да има за возачите кои на камера ќе бидат фатени со 57 км/ч, на места кадешто дозволената брзина е 50 км/ч.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
