Македонија
2. January 2026 - 16:37

Директорката Гиновска: Усје работи согласно законот, Владата се уште нема одлучено дали ќе го дислоцира

УСЈЕ работи според закон, тврдат надлежните власти. Во цементарницата во 2025-та година инспекторите влегле шестпати. Изршиле два редовни и четири вонредни инспекциски надзори. Директорката Гиновска вели дека не биле утврдени неправилности, при ниту еден надзор.

„Последните вонредни беа реализирани во текот на ноември со инспектор за животна средина од Градот Скопје 18.11.2025 во 22:00 дo 00:30 и во декември на 18.12.2025 со инспектор за животна средина од Општината Кисела Вода, при што кај сите надзори не се утврдени неправилности во работењето кај овој правен субјект“, изјави Ивана Гиновска, директорката на Инспекторатот за животна средина.

По низата иницијативи и протести од скопјани за чист воздух, како и одлуката на Советот на Град Скопје пред една седмица за дислокација на Титан Усје, Владата се уште нема донесено каква била одлука по однос на ова прашање.

Портпаролката Митева вели дека ќе се испитаат сите фактори и ќе се носи системско решение. 

Дозволата на Титан Усје истекува во 2027-ма, но годинава во март мора да ја почнат постапката за барање на нова, А интегрирана, за да може цементарницата да продолжи со работа. 

А интегрирана дозвола на фирма може да се одземе по три кривични прекршоци, но со нивна докажана вина на суд. Усје е една од 40-те фирми со А интегрирана дозвола во Скопје, или дел од вкупно 120 во државата, согласно регистарот што го води Управата за животна средина. 

Лани инспекторите извршиле вкупно 1.700 надзори за амбиенталниот воздух. Утврдени се 398 неправилности, по што се издадени се истотолку решенија. 2025-та се заокружува со над 30 прекршочни пријави и четири кривични пријави за фирми. 

Оваа зима Скопје, традиционално често се наоѓа на врвот на европските листи по нивото на загаденост.