Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Данска веднаш да се повлече од Гренланд. Тој додаде и дека Данската разузнавачка служба минатата година предупредила на руските и кинеските воени цели кон Гренланд и Арктикот. Изјавата на Трамп е објавена неколку часа пред планираниот состанок на американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, со министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд во Белата куќа, на кој би требало да се разговара за иднината на овој остров.
Данска е „подготвена да стори повеќе“, а Соединетите Американски Држави веќе имаат широк воен пристап до Гренланд и би можеле да побараат зголемување на своето воено присуство, при што секое такво барање ќе биде конструктивно разгледано, изјави министерот за надворешни работи на Данска, Ларс Локе Расмусен. Како што истакна тој, Гренланд е покриен со членот 5 од НАТО, кој ја дефинира колективната одбрана кога е нападната која било членка на Алијансата. Тој додаде дека целта на состанокот била да се најде заеднички начин за зајакнување на безбедноста на Арктикот.
Расмусен го опиша разговорот со високите американски претставници како „искрен, но конструктивен“. Тој наведе дека разговарале за тоа „како да се осигура долгорочната безбедност на Гренланд. Данскиот министер рече дека ќе формира работна група која ќе се фокусира на безбедносните проблеми на САД во врска со Арктикот, со почитување на данските „црвени линии“, и дека за првпат ќе се состане „за неколку недели“.
Владите на Данска и Гренланд јасно ставија до знаење дека продажба или анексија на територијата од страна на Соединетите Американски Држави е неприфатлива. Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека доколку американската влада ги спроведе своите закани тоа ќе значи крај на НАТО.
Во железничка несреќа во Тајланд загинаа најмалку 32 лица, а 66 се повредени. Операциите за чистење и санација се во тек. Во возот имало 195 лица. Кранот работел на проект за брза железница кога се урнал и удрил во возот што минувал, предизвикувајќи тој да излезе од шините и накратко да се запали. Истрагата е во тек.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
