Loading Video...
Свет
17. January 2026 - 16:25

Преглед на вестите од светот

Американскиот демократски сенатор Крис Кунс изјави дека Гренланд не се соочува со „итни безбедносни закани“, и покрај заканите на Трамп дека ќе го заземе островot.

Кунс, кој ја предводи 11-члената американска делегација, рече дека Данска останува силен безбедносен партнер на САД и дека билатералните односи се темелат на заеднички вредности.

-Нема непосредни безбедносни закани за Гренланд, но споделуваме реална загриженост за арктичката безбедност во иднина. Како што се менува климата, како што се повлекува морскиот мраз и како што се менуваат пловните рути, постојат легитимни причини да разгледаме начини подобро да инвестираме во арктичката безбедност во поширока смисла, и во американскиот Арктик и кај нашите партнери и сојузници во НАТО – рече тој.

Двопартиската делегација на законодавците се сретна со лидерите на Данска и Гренланд во Копенхаген со цел „да ја намали тензијата“ со уверувања за поддршка од Конгресот.

Трамп изјави дека Гренланд е важен за безбедноста на САД поради својата стратешка положба и големите резерви на минерали и не ја исклучи можноста за употреба на сила за да го добие. Европските земји оваа недела испратија мал број војници на островот по барање на Данска.

Антивладините протести во Иран поради економската криза, генерално се смируваат по жестоката реакција на властите, соопштија групи за човекови права.

Претседателот на САД рече дека информациите оти Техеран ги запрел планираните егзекуции биле клучни за неговата одлука да избегне воен удар.

-Никој не ме убеди. Самиот се убедив. Вие вчера имавте закажано над 800 бесења. Не обесија никого. Ги откажаа бесењата. Тоа имаше големо влијание - изјави Трамп.

Протестите досега однеле повеќе од 2 илјади животи, што е најсмртоносниот внатрешен конфликт во земјата од Исламската револуција во 1979 година.

Киев се соочува со најтешката енергетска криза од почетокот на војната. Голем дел од главниот град, во кој живеат речиси 4 милиони жители, е без доволно електрична енергија и греење, додека надворешните температурии паѓаат длабоко под нулата.

-Од почетокот на војната немало толку тешка ситуација во Киев, и ова е првпат во историјата на нашиот град, при толку силни мразови, поголемиот дел од градот да остане без греење и со огромен недостиг од електрична енергија. Никогаш досега немало ваков предизвик и ваков притисок врз критичната инфраструктура и врз луѓето што работат – кажа градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

Во меѓувреме, Зеленски предупреди дека Русија подготвува нови масовни напади.

-Денес постојат одделни задачи за противвоздушната одбрана и за војската. Според разузнавачките информации, сега имаме сознанија дека Русите се подготвуваат за нови масовни напади. Искрено разговараме со нашите партнери за ракетите за противвоздушна одбрана и за системите што итно ни се потребни. Испораките се недоволни – кажа украинскиот претседател.

Украина прогласи енергетска вонредна состојба оваа недела бидејќи нејзината електрична мрежа се распаѓа под руските бомбардирања и екстремно ниските температури.