Расте бројот на странски работници во Македонија, од каде доаѓаат најмногу?
Додека домашните работници сè почесто ја бараат својата шанса надвор од државата, Македонија станува нова адреса за илјадници странски државјани во потрага по работа. Полека, но сигурно, Македонија во последните три години бележи раст на бројот на странци кои добиле привремен престој поради вработување.
Ако во 2023 година таков статус добиле 823 лица, веќе во 2024 бројката се зголемува на 2.397, за лани да достигне 3.320 одобрени престои. Ова го покажуваат податоците кои Сител ги доби од Министерството за внатрешни работи.
На врвот на листата се странските работници кои доаѓаат од Турција. Гледано по години, во 2023 година 500 лица, во 2024 бројот се искачил на 1.161, а во 2025 изнесува 1.078.
Растот кај другите земји е уште поизразен.
Најголем скок бележи Бангладеш. Од само 12 работници во 2023 година, бројката расте на 229 во 2024, за во 2025 да достигне дури 626 лица. Сличен тренд се забележува и кај Непал – од 32 во 2023, на 219 во 2024 и 427 во 2025 година. Кај Индија, по растот во 2024 година со 300 одобрени престои, во 2025 има благо намалување на 258.
Паралелно со зголемениот прилив, МВР бележи и одлив на странски работници.
-Во текот на 2025 година, Министерството за внатрешни работи евидентирало 166 странски државјани кои ја напуштиле државата иако имале привремен престој поради вработување. Најмногу заминувања има кај работници од Бангладеш – 129 лица, потоа од Непал – 34 и од Индија – 3, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
Вчера стапи во сила одлуката на Владата за квота од 10.000 работни дозволи за странци. 4.500 се за нови вработувања, а 5.250 за продолжување на дозволите за странци кои веќе се ангажирани во Македонија.
СДСМ и денеска преку прес-конференција вели „доаѓаат таканаречените „економски работници“.
-Тоа што се подготвуваше сега започна. Најпрво владата склучи „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми. Во декември британските медиуми објавија и дека согласно овој договор мигрантите би имале можност да добијат работни визи во Македонија за работа во сектори со недостиг на работна сила. Потоа власта го смени Законот за странци, ги олесни условите за доаѓање, престој и работа во Македонија. Се скратија процедурите, се продолжи времетраењето на дозволите. Со овие законски измени се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, секако ако има „стратешки партнер“ – кажа Рената Младеновска, членка на Извршен одбор на СДСМ.
Системот на квоти за странски работници во Македонија е применуван постојано од 2016 година наваму.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
