Македонија
23. January 2026 - 12:25

Кадровско засилување на кочанската општа болница

Кочанската Општа болница се соочува со долгогодишен недостиг на специјалисти, но во последно време се забележува значително кадровско зајакнување.

Итната медицинска помош e со доволен број тимови и сега може непречено да одговара на повиците за интервенција, обезбедувајќи навремена грижа за пациентите.

- Во однос на општи лекари во Итната медицинска помош, таму сме покриени. Добивме нови вработувања и ќе имаме услови да пратиме лекари на специјализација и да имаме доволен број на тимови. Сега очекуваме да добиеме тројца нови специјалисти по гинекологија, тројца специјалисти по интерна медицина„ изјави Катерина Паниќ Мирчевска, директорка на ЈЗУ Општа болница – Кочани.

Ситуацијата стана уште поалармантна по пожарот во дискотеката „Пулс“, кога голем број млади лица беа повредени. Во вакви случаи, потребата од специјалисти по физикална медицина станува критична. Засега, болницата се потпира на ангажирање физијатри од други здравствени установи.

- Недостатокот е насекаде, не само кај нас. Заради ситуацијата што ни се јави, најверојатно ќе имаме потреба уште од еден специјалист по физикална медицина. Кога нешто подолго време не било реновирано оди тешко и не се знае на кој оддел да се даде приоритет. Но, на овие оддели каде веќе биле повредените добиваат некакво ново руво, додаде Паниќ Мирчевска.

Болницата има потреба и од дополнителен технички персонал, како и медицински сестри и болничари. Последниот оглас за вработување, распишан минатата година за позицијата медицинска сестра остана празен, бидејќи немало ниту еден пријавен кандидат.