Обоистката Петрушевска обвинува дека е незаконски суспендирана - директорот тврди се однесувала агресивно
Првата обоа на Националната опера и балет Татијана Петрушевска обвинува дека е незаконски суспендирана од работното место, поради конфликт со диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан. По кавгата за време на пробата на 16 јануари за балетот „Мадам Бовари“, Петрушевска добила опомена дека не свири по темпо, а потоа и забрана за влез во матична куќа во која работи 30 години и казна со 50 отсто од плата.
Во одбрана на Петрушевска застанале дел од колегите од оркестарот и Синдикатот на културни работници, кои велат дека нивната колешка незаконски е суспендирана и сериозно треба да се преиспита раководењето на директорот.
Ваквите обвинувања ги отфрли директорот на НОБ, Оливер Арсовски кој вели дека нема ништо незаконско во постапката, а конечната одлука ќе ја носи Дисциплинската комисија. Но тврди дека подолг временски период Петрушевска недолично се однесувала и кон колегите и кон диригентите, за што била толерирана. Како доказ покажа пријави од колеги за мобинг кој го правела обоистката.
И двете страни најавуваат приватни тужби по навредите и личните квалификции кои си ги упатија.
Иако падна во сенка на проблемите во оркестарот, вечерва сепак ќе се биде изведен балетот „Мадам Бовари“ под диригентската палка ерменскиот диригент кој веќе 20 години е гостин на Националната опера и балет.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
