ЕП: Почитувањето на демократијата, владеењето на правото и дијалогот се од суштинско значење за европската иднина на Србија

Европскиот парламент цврсто верува дека ЕУ нема да биде целосна и комплетна без земјите од Западен Балкан, а меѓу нив и Србија, порача шефицата на делегацијата на ЕП што вчера престојуваше во Белград, португалската европратеничка Марта Темидо по завршувањето на посетата.
– Сепак, за тоа клучно е целосното почитување на демократијата, владеењето на правото и основните права. Единствениот начин за враќање на довербата на граѓаните во државните институции води преку демократски и изборни реформи, одговорност, слобода на изразување и медиуми, додаде Темидо.
Во соопштението издадено по завршувањето на посетата се наведува дека делегацијата од девет европратеници од Комитетот за надворешни работи на ЕП се сретнала со претставници на Владата, Собранието, политички партии од власта и опозицијата, како и на медиумите, граѓанското општество, академските институции и студентите.
– Посетата на делегацијата се одржа согласно резолуцијата на ЕП за Србија усвоена на 22 октомври 2025 година во која се бара да се процени, на терен, состојбата на демократијата, тековните протести, нападите врз демонстрантите и репресијата насочена кон студентите, академиците, едукаторите и вработените во јавниот сектор, се вели во соопштението на ЕП.
Во него се додава дека европратениците ја потврдиле својата цврста посветеност на перспективите за членство на демократска Србија во ЕУ, нагласувајќи дека пристапувањето во Унијата е процес базиран на заслуги, вкоренет во почитувањето на демократијата, владеењето на правото, основните права, слободата на медиумите и независноста на судството, како и целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот.
– Делегацијата изрази солидарност со српските граѓани, студенти и актери на граѓанското општество кои ги остваруваат своите демократски права и повика на отчетност, транспарентност и институционална одговорност. Европратениците ги повикаа властите да обезбедат итни, непристрасни и транспарентни истраги за сите наводи за непотребна и несоодветна употреба на сила и незаконско следење на демонстрантите. Слободата на собирање е фундаментално право кое мора да се почитува и мора да се обезбеди безбедноста на новинарите и демонстрантите, се посочува во соопштението.
Европратениците, исто така, добиле информации за финансиски, административен и физички притисок врз академскиот персонал и ограничувања на слободата на медиумите.
– Европратениците изразија загриженост во врска со судските реформи што моментално се дискутираат во Народното собрание, кои ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството. Делегацијата, исто така, разговараше за прашања поврзани со изборниот интегритет и потребата од темелно спроведување на сите преостанати препораки на ОБСЕ/ОДИХР. Делегацијата повтори дека Европската Унија е подготвена да го поддржи српскиот народ и институциите во унапредувањето на реформите, под услов обврските да се претворат во мерлив и одржлив напредок, особено во областа на владеењето на правото, се додава во соопштението.
МИА
Ново на Сител
-

Макрон предлага забрана за користење на социјалните мрежи за лица под 15 години
-

Реакција на адвокатката Ивана Коцевска на употребата на нејзиниот лик на транспарент на „Маршот на ангелите“ во Кочани
-

Дипломатската служба на ЕУ предупредува: Одборот за мир на Трамп концентрира премногу моќ и ги крши принципите на ЕУ
-

ЕХФ ЕУРО 2026: Франција надмоќна против Португалија, постигна 28 голови во едно полувреме
-

Трамп се закани со 100-процентни царини за Канада доколку склучи трговски договор со Кина
-

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче е штетен за Македонија
-

Филипче: Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата
-

Лажен „лекар од Словенија“ измамил 86-годишна жена од Виница за 30.000 евра
