Македонија
25. January 2026 - 16:31

Во месецов што изминува преполни сместувачки капацитети во Крушево

Преполни капацитети, добра забава, гости од цела Македонија, се бараше место повеќе. Вака со една реченица може да се опише изминатиов месец во Крушево. Задоволни и угостителите и крушевчани на кои што туризмот им е една од основните економски гранки. Дополнително привлекување на туристите оваа година даде манифестацијата „Празничен шепот на крушевската чаршија“ која траеше околу 20 денови, со голем број културни настани.

„Тоа што имаше културно забавна програма придонесе Крушево да биде полно со туристи, па и ние да направиме една ваква богата сезона. Со создавање на вакви настани, како овој што траеше 20 дена, ако има секоја сезона некаков настан би имало побогата сезона во Крушево и сите би биле задоволни“, изјави Милена Дамческа, угостител.

„Релативно сме задоволни, имавме посетители, најмногу од нашата држава, задоволни сме, капацитетите ни беа полни, ресторанот беше полн. Планираме да имаме нешто околу Велигден, потоа во летото имаме локален младински сојуз кој ќе го организира „Крушево будно“, кое неколку години паузираше, така да очекуваме и ќе се трудиме максимално колку што можеме повеќе да ја зголемиме нашата туристичка сезона да трае подолго време“, рече Нули Костоска, угостител.

„Крушево и оваа сезона е со вистинско планинско доживување, чист воздух, снег, проодни патишта. Морам посебно да нагласам дека истото оваа година е украсено со „Празничниот шепот на крушевската чаршија“ каде туристите се со одлични коментари и се презадоволни“, потенцираше Фане Чонеска, менаџер на хотели.

Посебен шмек секако даде и снегот, кој иако во не толку големи количини, сепак ги привлекува љубителите на зимските спортови од цела држава.

„Ние доаѓаме од Битола, доаѓаме скоро секој викенд и секој продолжен викенд. Има добар смештај, пристапни цени“, истакна еден од гостите на ски терените во Крушево.

„Од Скопје и доаѓаме секоја година. Блиску ни е, си пиеме вино, убав ни е воздухот“, вели друг посетител.

„Ние сме од Велес, еве има едно детенце тука го оставивме да се учи да скија, а ние си уживаме тука, јадеме што сме донеле. Убаво ни е“, додаде уште еден од гостите на ски терените Станиќ.

Од Општината ветуваат големи културни настани во секоја сезона од годината, за да се привлечат повеќе туристи.

„Се одржа многу богат културен настан кој во иднина ќе прерасне како традиција, се надеваме дека ќе прерасне во традиција. Преблагодарни сме на крушевскиот еснаф што самоиницијативно и во соработка со нас, ние како локална самоуправа стоиме на располагање максимално во поддршка на тој еснаф“, изјави Никола Зисов, Општина Крушево.

Во летниот период се очекува воведување на манифестации кои ќе станат нови крушевски брендови, а исто така ќе биделе реобновени и дел од постарите настани кои се Крушево го прославија во цела Европа.