Македонија
25. January 2026 - 16:33

Ориз на годинашната реколта стои по амбарите

Откупот на ориз од Кочанско се соочува со сериозни проблеми, а незадоволството кај земјоделците е сè поголемо. Моменталната откупна цена за килограм арпа за оризопроизводителите е крајно неприфатлива. Дополнителен проблем е и малиот обем на откуп, односно, скоро цела реколта им стои по амбарите.   

- Од реколтата 2025-та дали 5% е откупен и се откупува по цена од 18 до 20 денари, тоа е катастрофа, изјави Здравко Арсов, оризопроизвподител од Облешево.

Откупната цена се темели  на погрешни основи, тврдат оризарите. Прво, производната цена кој ја утврди Инситутот за земјоделие е калкулирана врз повисоки приноси по декар површина засеана со ориз, кои во пракса не се остварливи, а второ, врз база на таа цена да се утврди висината на откупната.

Ставиле 750 килограми, а ние годинава имаме од 450 до 500 килограми максимално, толку се приносите. Ние бараме на 500 килограми да се направи производна цена. До министерот доставивме барање, 25 % над производната цена бараме, ни помалку, ни повеќе, туку тоа што е со Закон гарантирано, додаде Арсов

Откупувачите од своја страна велат дека се раководат според побарувачката на пазарот и не можат самостојно да одлучат по која цена ќе откупуваат, но тоа повторно ги става оризопроизводителите во незавидна положба.

- Мора нешто да се направи, зошто вака не бива. Откупувачите велат, не е наш проблем. Проблем е на државата, нека се справи со нив, дали ќе им дава дополнителни по 10 денари, за да може во април месец да започне сеидбата, а ние уште комбајните (за жетва) не сме ги платиле, изјави Арсов 

Доколку надлежните институции не најдат решение, земјоделците ќе бидат оставени сами на себе и ќе мора работите ќе ги преземат „во свои раце“.