Камионџиите утре ќе ги блокираат граничните премини поради новите правила за влез во ЕУ
Блокада на граничните премини за товарниот сообраќај. Камионџиите оранизирани преку „Макам-транс“ од утре на пладне излегува на протест. Блокирани ќе бидат терминалите и сообраќајните ленти за камионите на граничните премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран. Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки, велат од МВР.
Протестот доаѓа откако Европската Унија го воведе новиот систем за влез и излез, кој камионџиите ги брои како туристи. Иако само транзитираат за да достават стока, со честите влегувања, брзо ги трошат дозволените 90 дена и остануваат без право да работат. Протестот е во координација со нивните колеги од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора кои исто така ги блокираат граничните премини кои водат кон земјите од Шенген-зоната.
Од Влада за Сител велат дека работат на наоѓање решение за проблемот на транспортерите и дека се во постојана комуникација со Брисел. Со партнерските земји и превозниците се бара преку дијалот да се обезбеди итно решение и непречен проток на стоки, велат од Влада.
Прашани како овие европски ќе влијаат на македонската економија, оттаму велат дека најпогодени ќе бидат извозно ориентираните компании.
- Анализите покажуваат дека блокадите на граничните премини кон Шенген зоната ги засега превозниците и економијата, особено кај компании ориентирани кон извозот. Секое блокирање на транспортот, значи прекин врз економската активност. Дел од домашните компании ќе се директно погодени со блокирање на транспортот, а исто така и компаниите кои работат во Технолошко –индустриските развојни зони, кои пак реализираат 100 проценти девизен прилив во Македонија, велат од Влада.
Во земјава има околу 2.700 превозници за меѓународен транспорт, а најголем дел од увозот и извозот оди по копнен пат.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
