Македонија
27. January 2026 - 16:29

Седум компании покажале интерес за инвестирање во дата центри

Седум компании, претежно инвестициски фондови покажале интерес за инвестирање во Дата центри во државава, дознава Сител. Иако целиот овој процес е во многу рана фаза и барем засега нема многу детални информации од страна на македонските власти, нашите информации говорат дека засега се размислува тие да бидат изградени во напуштени фабрики кадешто веќе има енергетска инфраструктура која би можела да ја издржи нивната побарувачка за струја. 

За појаснување, Дата центри се големи капацитети во кои се инсталираат голем број на моќни графички картици чијашто задача е да и дадат сила на Вештачката интелигенција да може да работи на развој на големи јазични модели. Дата Центрите во суштина се огромни потрошувачи на електрична енергија. 

Премиерот Мицкоски на прес-конференција потврди дека заинтересираност има, без да даде детали. Но вели дека Вештачката интелигенција отвора пат за големи инвестиции во енергетиката. Според неговите проценки, во следните 10 години во светски рамки ќе треба да бидат инсталирани нови 40.000 теравати производни капацитети. Мицкоски најави дека ќе покрене регионална иницијатива за енергетски инвестиции на целиот Балкан.

- Замислете ние како регион, за што мислам да покренам и регионална иницијатива да привлечеме 0,01% од оваа бројка. Ако инсталиран мегават чини помеѓу милион до два милиони евра. Тоа ќе значи 4 трилиони инвестициска активност за регионот, вели Мицкоски.

Со помош на Европската Унија на ФИНКИ веќе се работи на „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција. Меѓутоа, капацитети таму се далеку поскромни од Дата Центрите кои ги користат светските технолошки гиганти. Во суштина, тој ќе биде поврзан и ќе ги користи ресурсите на суперкомпјутерот „Фарос“ во Грција.