Македонија
27. January 2026 - 16:30

Мицкоски до Ахмети за тет-а-тет средба - ќе се видиме, некогаш!

Мицкоски го отпиша Ахмети од распоредот за тет-а-тет лидерски состанок, кој беше најавен по лидерската средба пред две недели. Премиерот прилично комотно го одложи состанокот со опозицискиот лидер на неопределено време.

Реакцијата на Мицкоски доаѓа откако ДУИ не го исполни договореното на лидерската средба во Клубот на пратениците. Во петокот, власта наместо со интегративците, обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието, како и Бадентерово мнозинство за „Сејф сити“ и изборот на Народен правобранител, со поддршка од Левица, како и од Бејџан Иљаз од Демократската партија на Турците – кој е дел од Фронтот на ДУИ – и Илир Демири, од крилото на Села во Алијансата за Албанците, кој и претходно најави независно делување.

Мицкоски ги отфрли и критиките на СДСМ и на Филипче дека ја води државата во меѓународна изолација и спроведува антиевропска политика.

За разлика од Ахмети, Филипче воопшто не се појави на лидерската средба, на која, освен за „Сејф сити“ и Народниот правобранител, учесниците се согласија и за поддршка на реформските закони поврзани со ЕУ-агендата, како и за укинување на т.н. пржинска влада пред избори.

Филипче претходно се изјасни против укинувањето на техничката влада, додека за реформските закони изјави дека треба да се дебатира во рамките на Парламентот.