Loading Video...
Свет
28. January 2026 - 12:23

Преглед на вестите од светот

Демонстрантите синоќа маршираа низ Белград во најновиот бран демонстрации предводени од студенти Тие скандираа слогани против Вучиќ додека маршираше по улиците. Некои демонстранти мавтаа со знамињата на Данска и Гренланд, кои овој месец беа во центарот на спорот меѓу американската администрација и европските земји . Протестите ја зафатија Србија повеќе од една година по смртта на 16 лица при уривање на покривот на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, катастрофа за која демонстрантите ја обвинуваат корупцијата. Протестите, предводени од студенти, бараат реформи и нови избори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди како „тероризам“ рускиот напад со беспилотно летало врз воз во североисточниот регион Харков во текот на вчерашниот ден и рече дека четири лица се убиени, а во напад со руски беспилотни летала загинаа други три лица, а 25 беа ранети во Одеса. Нападот беше најновиот во зимската кампања на Москва за напади врз украинската енергетска инфраструктура, при што Киев е под притисок да се согласи на мировен договор поддржан од САД за ставање крај на речиси четиригодишната војна.

На другата страна американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се случуваат многу добри работи во разговорите за ставање крај на руската инвазија на Украина. Тој ја даде оптимистичката проценка пред новинарите додека ја напушташе Белата куќа за посета на Ајова.

Меланија Трамп во еден од нејзините ретки јавни настапи повика на мир и единство во Минеаполис откако агенти на ICE убија двајца американски државјани. Нејзиниот повик е најновиот обид на администрацијата да ги смири тензиите во Минесота, каде што продолжуваат немирите околу пристапот на Белата куќа кон имиграцијата. 

Данска има намера да „направи сè“ што може за да постигне договор со САД за Гренланд, освен да се откаже од територија, изјави денеска премиерката Мете Фредериксен, а на прашањето дали територијата на Гренланд може да им биде предадена на САД, Фредериксен рече дека таков потег е незамислив. Трамп минатата недела ја отфрли можноста за употреба на сила за да го стекне и рече дека постои „рамка за иден договор во однос на Гренланд“. Воедно и ја укина заканата од санкции што претходно ги најави за европските сојузници кои ја поддржаа Данска.

Бурата Чандра донесе поплави во делови од Република Ирска и на Северна Ирска во вторник, додека силни ветрови и обилни дождови го зафатија островот. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 15.000 домови и бизниси останале без струја.

Неколку патишта и училишта беа затворени, додека услугите за јавен превоз беа прекинати. Железничка станица во Белфаст беше затворена поради временските услови, а Ирските железници ги прекинаа услугите на неколку линии. Временски предупредувања беа издадени и за делови од Англија.

Бурата донесе повеќекратни опасности, вклучувајќи постојани, широко распространети врнежи од дожд и ветрови, со можни силни ветрови во изложените области.