Македонија
29. January 2026 - 16:36

Ќе се градат гробишта за домашни миленици во општините

Наместо да бидат закопани на јавни површини или да завршат во контејнери, угинатите домашни миленици конечно ќе можат достоинствено да бидат испратени на своето последно почивалиште. Надлежните институции дадоа зелено светло за изградба на гробишта за домашни миленици во општините, со што се отвора системско решение за долгогодишен проблем со кој се соочуваат граѓаните.

Веќе се одржале низа состаноци со сите засегнати. Во процесот, министерот Перински ќе биде во улога на медијатор меѓу АХВ и општините. Претстои процес на дефинирање локации во општините за изградба на гробиштата и планирање на потребната инфраструктура. 

Граѓаните ценат дека гробишта за миленици се потребни, за да се укине досегашната пракса да се закопуваат угинатите животни во паркот и на Водно, или да се фрлаат во контејнери.

За да се реализира оваа инциијатива, потребни се законски измени во законот за комунална дејност и законот за локална самоуправа. Откако ќе се спроведат измените, општините сами ќе треба да ја почнат постапката за градење на гробишта.