Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин се согласил со неговото барање Русија да не го напаѓа главниот град Киев и другите градови во Украина. Зборувајќи на состанокот на неговиот кабинет, Трамп објасни дека го замолил Путин да го стори тоа поради студеното време.
Температурата во Киев е под нулата, а следната недела се очекува студен бран, како резултат на што термометрите во украинската престолнина ќе забележат вредности до минус 20 Целзиусови степени.
Американскиот претседател најави голем напредок во трилатералните мировни преговори во кои учествуваат двете страни во конфликтот и САД. Главната пречка во преговорите е барањето на Москва украинската армија да се повлече од делот од Донбас што руската армија не го освоила.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Трамп за можноста да ја обезбеди безбедноста на Киев и другите украински градови за време на екстремниот зимски период. Украинскиот министер за енергетика изјави дека 610.000 корисници останале без електрична енергија поради руското гранатирање во Киев.
Најголемиот производител на електрична енергија во Украина, објави дека Киев преминува од вонредна состојба во привремен прекин на електричната енергија.
Русија нема информации за тоа какви безбедносни гаранции договориле САД и Украина, изјави за новинарите рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесува ТАСС. Лавров додаде дека Москва ќе ги разгледува „реалните предлози за Украина и нема да се ориентира според јавните игри“. Од изјавата на Лавров дадена во Абу Даби, станува јасно дека руските преговарачи ќе продолжат со комуникација во кој било формат.
Израел ги префрли останките на 15 Палестинци во Појасот Газа, исполнувајќи ги условите за премин во следната фаза од мировниот план за Газа, соопштија израелски извори. Телата беа предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Трансферот следеше по враќањето на останките на последниот израелски заложник во понеделникот, што значи дека условите за премин во следната фаза од мировниот план за Газа се исполнети, велат изворите.
Главната цел на планот е траен крај на војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, како и реконструкција на крајбрежниот појас, кој е во голема мера уништен во текот на две години војна.
Граничниот премин Рафа, кој ги поврзува Газа со Египет, треба да биде повторно отворен од двете страни за прв пат по речиси две години. Канцеларијата на израелскиот премиер во неделата соопшти дека Израел се согласил на ограничено повторно отворање на преминот Рафа само за пешачки премин, под услов да има целосен израелски механизам за инспекција.
Оние што ја напуштаат Газа ќе можат слободно да патуваат. Сепак, секој Палестинец што влегува во Газа ќе се соочи со построги прописи.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
