Кос го подготвува нонпејперот за полесно проширување на ЕУ, во Македонија и регионот нема многу оптимизам дека ќе помогне
Дали нон пејперот на Кос со кој еврокомесарката ќе се обиде да го олесни зачленувањето во Унијата ќе и помогна и на Македонија? Унијата се погласно зборува за ревизија на процесот на проширување во услови која ЕУ се наоѓа во најголемата криза од своето постоење, поради губењето на својот авторитет на меѓународната сцена, нарушените односи со САД и сè уште актуелната војна меѓу Украина и Русија.
Се работи за документ со кој Кос ќе се обиде да го заобиколи ветото во процесот на пристапување. Таа го најави уште во октомври, а неговото објавување, рече, треба да се чека во текот на февруари и март. Директен повод за е зачленување е Украина, а не Западен Балкан, но несомнено документот може да се искористи и за овие држави.
Според неименувани дипломатски извори на украинските медиуми, документот веќе е во прелиминарна фаза и подразбира две опции: нецелосно членство – кандидатите да седнат на европската маса, но да немаат право на глас или постепено зачленување при што државите-кандидати да добиваат пристап до некои асоцијации на Унијата.
Информациите од инволвирани во македонските евроинтеграции е дека планот тешко дека ќе се оствари бидејки Унгарија, Словачка, Грција, Хрватска и Бугарија отворено се противат да се откажат од своето право на вето.
Оваа опција би станала поверојатна, велат инволвираните, ако во 20-те точки од мировниот план за Украина на САД се предвиди и т.н. забрзано членство во Унијата. Во таков случај, Брисел многу веројатно ќе оди со пакет за проширување во кој ќе влезе и Западен Балкан, па и Македонија.
Сепак, и ова станува комплицирано кога паралелно со овој нон-пејпер, Германија веќе подготви втор документ кој се однесува на внатрешна реформа на Унијата – Европа во две брзини. Во среда, претставници на шестте најсилни европски економии – Германија, Франција, Полска, Шпанија, Италија и Холандија – преку видеоконференција ќе зборуваат пред се за безбедносно зајакнување на Унијата. Тоа секако ќе влијае и на процесот на проширување.
Вицепремиерот Николоски делумно ги потврди овие информации, истакнувајќи дека не треба да сме многу оптимисти околу нон-пејперот на Кос.
Зеленски веќе го одби предлогот за асоцијативно членство. Црна Гора, која е најнапред во процесот и се надева на членство во 2028, вели дека нема потреба од ревизија на правилата за проширување. Албанија, пак, и покрај тоа што ги започнала преговорите, смета дека алтернативното членство е добра опција.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
