Македонија
19. February 2026 - 16:50

Сиљановска: Нашето авионче е најмало и најстаро, колегите го нарекуваат „авиончето на браќата Рајт“

Државниот Лирџет, помеѓу лидерите од регионот е познат како „авиончето на браќата Рајт“. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека често е мета на вакви шеги од своите колеги кога патува со владиниот авион.  

- Што можам да кажам? Ајде, да ве насмеам. Владиното авионче моите колеги претседатели во регионот го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, бидејќи е најмало и најстаро. Јас можам да кажам за мене, употребата на владиното авионче понекогаш овозможува функционално извршување на државната работа, ама и поевтина од користењето комерцијални летови. Е сега, не е многу пријатно, секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а и купено е на старо – рече претседателката.

Мицкоски или Заев, кој го користел владиниот авион за приватни патувања е тема на која и денеска партиите си разменија обвинувања. Ако авионот е користен според прописитие, СДСМ бара Владата да го објави списокот на патници, кој бил заедно со Мицкоски на патувањето до Хрватска. Овие информации според опозицијата лесно се докажуваат, бидејќи секое патување се документира, Владата само треба да ги објави документите.

„Тоа е уште едно прашање на кое не добиваме одговор, ако сите патувања биле според прописите како што тврдат, СДСМ, односно граѓаните бараат Владата да објави со кој патувал Мицкоски“, вели Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ 

Семејството на премиерот Мицкоски никогаш нема патувано со владиниот авион, реагираат од Владата.

„Лицемерно е однесувањето на СДСМ и лидерот Венко Филипче, кој во затворени разговори се согласува за набавка на нов владин авион, а во јавност сосема спротивно истото гокритикува. Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите кои произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери“, реагираат од Владата

Дека СДСМ шири лажни вести велат и од ВМРО-ДПМНЕ од каде денеска тврдат дека авионот за приватни цели го користел само Заев.

„Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС“, велат од владејачката партија.

„Ќе се повлечеме од намерата да купиме нов авион и ќе се молиме да останеме живи“, рече вчера премиерот Мицкоски, по критиките од опозицијата. Владата претходно објави дека државниот Лирџет стар две децении со капацитет до 6 патници, последните години почесто е на сервис отколку што се користи, а тоа граѓаните ги чини и до половина милион евра годишно.