Македонија
6. March 2026 - 16:45

Пиштол вперен кон сопругата, нападната ќерка - тројца мажи уапсени за семејно насилство

Пукал со пиштол, се заканувал на сопругата и физички ја нападнал ќерката. 55 годишен скопјанец е уапсен синоќа поради насилно однесување во домот во скопска Кисела Вода. Според информации од полицијата, првиот напад кој не бил пријавен од жртвите се случил на први март кога осомничениот нишанел кон сопругата а потоа испукал куршум кој завршил во прозорецот. Насилството го продолжил врз трите полнолетни ќерки - им се заканувал, а потоа физички ја нападал 24 годишната девојка. Насилното однесување на мажот се повторило и синоќа после 22 часот. Повторно вперил пиштол кон сопругата, но ќерките го спречиле да го повлече чкрапалото. Случајот бил пријавен во полиција, па брзо после полноќ, приведен е 55 годишникот.

„Потенцијалниот насилник е задржан во рамки на полициска станица и за истиот ќе се превземаат дејстивија согласно она кое што го имаме утврдено како фактичка состојба првично. Важно е дека во конкретната ситуација за среќа нема смртни последници. Знам дека потенцијалниот насилник е задржан во рамки на полициска станица и за истиот согласно оние информации кои ги имам ќе биде процесуирана итна постапка за негово спроведување во рамки на судските постапки“, изјави Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи. 

Вчера рано наутро, полицијата привела уште еден маж кој бил пријавен за насилство во домот. 54 годишен жител на Сарај, пијан, физички ја нападнал 15 годишната ќерка. Тепањето на девојчето го спречил нејзиниот брат, а случајот бил пријавен во полиција. Информиран бил и надлежен јавен обивнител.

Полицијата вчера уапсила уште еден 25 годишен насилник кој десетина дена држел затворена 22 годишна девојка во својот дом. Според пријавата, на 23 февруари девојката била тепана, силувана, и бил одземен телефон и останала заклучена до завчера кога успеала да се јави кај својата мајка,п а таа го пријавила насилството во полиција.

Неделава, министерот Тошковски им најави на полициските службници дека со измените на кривичниот законик, гонењето на насилникот може да го продолжат дури и ако жртвата ја повлече пријавата.

„Мора сите да имаат предвид дека жртвите се под притисок на насилниците, дека истите може да сменат изјава, дека истите можат да се повлечат, но работата на полициските службеници, не треба да заврши. Треба да направат проценка на ризик, да преземат чекори во рамки на утврдена процедура, да се обратат до инспектори кои се обучени за семејно насилство“, изјави Тошковски. 

Според податоците на полицијата, лани се регистрирани близу пет и пол илјади поплаки за семејно насилство, или, во просек по петаесетина дневно.