Loading Video...
Свет
8. March 2026 - 16:33

Во Техеран заврна токсичен дожд кој предизвикува изгореници откако беа бомбардирани нафтени постројки

Војната на Блискиот Исток влезе во 9-иот ден. Израелската војска изврши напади врз неколку складишта за гориво во Техеран и во провинцијата Алборз. Според иранските власти, погодени се најмалку четири нафтени депоа и центар за транспорт на нафтени деривати. Загинале четири лица, меѓу кои и двајца возачи на цистерни. По нападите во иранската престолнина се издигна густ црн чад, а на некои улици протекла нафта што предизвикала пожари. Надлежните го предупредија населението дека врне токсичен дожд кој може да предизвика хемиски изгореници на кожата и оштетување на белите дробови.

Дадени им се упатства на граѓаните под никакви услови да не ги напуштаат своите домови, а ако се надвор, веднаш да се засолнат под бетонски или метални покриви.

Истовремено, конфликтот се проширува во регионот. Во Бејрут најмалку четири лица загинале кога во израелски напад бил погоден хотел во центарот на градот. Израелската војска соопшти дека цел биле команданти на иранската Револуционерна гарда, кои наводно координирале напади против Израел.

- Ние сме раселени, како и другите раселени. Дојдовме да останеме тука и, како што можете да видите, спиевме во 3:30 часот кога започна нападот. Децата беа таму. Сите се во болници. Што да правам? Фала му на Бога, Бог да ни даде, што друго можам да кажам? – вели жител на Бејрут.

Во Кувајт, пак, голем пожар зафати владина зграда откако ирански дронови нападнале критична инфраструктура, меѓу која и резервоари за гориво на меѓународниот аеродром. Загинале двајца офицери.

И во Бахреин има последици од нападите – три лица се повредени од остатоци по ракетен напад, а оштетени се и цивилни објекти.

Утрово пред американската амбасада во Осло се случила експлозија. Предизвикана била само мала материјална штета, а нема повредени. Министерката за правда рече дека е започната темелна истрага, а полицијата изјави дека експлозијата може да биде поврзана со „тековната безбедносна ситуација“.

Во меѓувреме, иранските државни медиуми јавуваат дека е постигнат договор за избор на нов врховен лидер, по смртта на ајатолахот Хамнеи. Името на наследникот се очекува да биде објавено наскоро. Како можен кандидат се споменува неговиот син Моџтаба Хамнеи, кој има блиски врски со Револуционерната гарда.

Израелската армија предупреди дека ќе го „прогонува секој наследник“. Вели дека нема да се двоуми да го нападне секој што ќе учествува во процесот на избор на нов лидер.

Американскиот претседател, Трамп, изјави дека не е заинтересиран за преговори со Техеран и дека конфликтот може да заврши само кога Иран ќе остане без воено раководство. 

- Ние не сакаме да се враќаме на секои пет години или на секои десет години и да го правиме ова. Затоа сакаме да избереме претседател кој нема да ја води својата земја во војна – рече Трамп.

Иранскиот претседател се закани дека ќе ги засили нападите врз американски цели на Блискиот Исток.

- Кога сме нападнати, немаме друг избор освен да одговориме. Колку поголем притисок вршат врз нас, толку посилен ќе биде нашиот одговор - рече Масуд Пезешкијан.

Кина повика на итен прекин на војната. Предупредува дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток не носи корист за никого и може да ја загрози глобалната безбедност.