Македонија
16. March 2026 - 16:34

Гаши за Изборниот законик: Јас сум за отворени листи

Собранискиот спикер Гаши вели дека не е разочаран што министерот за правда Филков, а не тој како што се најавуваше, ќе ја води работната група за подготовка на нов Изборен законик. Сепак, смета дека групата треба да направи суштински измени во изборните правила.

Според него, фактот што во работната група има претставници од сите парламентарни партии е добра можност да се отворат клучните прашања – бројот на изборни единици и изборниот модел.

„Јас сум поборник на отворени листи, независно каков изборен модел ќе биде одбран. Мислам дека отворените листи се најдемократски начин за избор на пратеници. Граѓаните на овој начин добиваат шанса да гласаат и за личност, а не само за партија“, изјави Гаши на брифинг со новинарите.

Минатата недела претставниците на политичките партии одлучија работната група да ја води Филков. Одлуките за евентуалните измени на Изборниот законик, најавуваат, ќе се носат со консензус.

Следната средба на партиите е закажана за наредниот понеделник. Партиите засега излегуваат со различни предлози – од една изборна единица со отворени листи и изборен праг, до модел со 3 или 8 изборни единици. Дел од предлозите се однесуваат и на намалување на бројот на пратеници.

Изборниот законик е дел од реформската агенда и требаше да биде донесен до јуни минатата година. По неуспешните предизборни измени, Брисел одобри дополнителен рок – до јуни годинава.

Во однос на критиките од претседателот на Уставниот суд Костадиновски дека Собранието не покажало доволно почит кон институцијата бидејќи навреме не постапило по измените на Кривичниот законик и Законот за електронски комуникации, Гаши одговори дека секој треба да си го гледа својот двор.