Македонија
6. April 2026 - 16:36

Подгответе се за долги редици на граничните премини со ЕУ, од петок стартува новиот систем

Ако патувате за Велигденските празници подгответе се за подолги редици на граничните премини кон ЕУ. Од петок печатите во пасошите заминуваат во историјата, а стартува новиот систем за влез и излез во Шенген зоната, за дигитално прибирање на податоци.

Според најавите, отпечаток од прст и фотографија на граничните премини ќе треба да оставите само при првата регистрација, од тој момент станувате дел од огромна дигитална мрежа и систем кој сам ќе пресметува дали сте ги надминале дозволените 90 дена во Шенген. При секое наредно патување ќе ве пречекува само скенер. Правилата се строги, па ако одбиете да дадете биометриски податоци, нема да може да влезете на територијата на ЕУ.

-Со воведувањето на ЕЕС влезовите и излезите ќе се евидентираат електронски, а системот ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија), со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој во согласност со правилото 90 дена во период од 180 дена, со што времето на задржување на граничните премини за влез во ЕУ би се зголемило, вели Гоце Андреески, портпарол на МВР.

За брз и непречен проток на патници, од МВР известуваат дека граничната полиција во следниот период ќе ги стави во функција сите технички и човечки ресурси.

Системот ќе се применува во сите земји на ЕУ, освен Ирска и Кипар, но и во 4 земји од Шенген зоната кои не се членки на унијата – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.

До крајот на годината, Унијата го воведува и ETIAS системот кој предвидува вадење на електронско одобрение за влез во ЕУ. Одобениерот ќе важи 3 години и ќе чини 7 евра, освен за лица под 18 и над 70 години за кои ќе биде бесплатно.