Loading Video...
Свет
18. April 2026 - 16:44

Иран повторно го затвори Ормутскиот теснец, Трамп се закани дека пак ќе фрла бомби

Иран повторно го затвори Ормутскиот теснец. Само еден ден по краткотрајното отворање на преминот, иранската државна телевизија објави дека теснецот е затворен и за пловидба сега е потребно одобрение од Техеран. 

Во соопштение на армијата се наведува дека контролата е вратена на „претходното ниво“ поради одбивањето на САД да ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа. 

„Сè додека САД не ги укинат ограничувањата за целосна слобода на движење на бродови од Иран до дестинации и од дестинации до Иран, ситуацијата во Ормутскиот теснец ќе остане под строга контрола и непроменета“ - Ебрахим Золфакари, портпарол на Централната команда на Хатам ал-Анбија

Веднаш по ова, Иранската револуционерна гарда со воени чамци отворила оган врз танкер и два трговски брода во Ормутскиот теснец. Тензиите меѓу Техеран и Вашингтон дополнително се заоструваат. Иран не се согласува на втор круг преговори со САД, обвинувајќи ја американската страна за „претерани барања“. Пораката била пренесена преку пакистански посредник, при што Техеран нагласил дека не сака долготрајни преговори без конкретни резултати.

Трамп, пак, рече дека можеби нема да го продолжи прекинот на огнот доколку до среда не се постигне договор.

„Не знам. Можеби не. Можеби нема да го продолжам. Но блокадата ќе остане. Но можеби нема да ја продолжам. Значи имате блокада и за жал, ќе мора повторно да почнеме да фрламе бомби“ – Доналд Трамп, претседател на САД Врховниот лидер на Иран вели дека војската е подготвена да им нанесе „нови горчливи порази“ на САД и Израел.

„Исто како што нејзините беспилотни летала ги погодуваат американските и ционистичките криминалци како молња, храбрата морнарица на Армијата е подготвена да ги натера непријателите да ја вкусат горчината на новите порази“ – Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран

Првата рунда разговори меѓу САД и Иран се одржа во Исламабад минатиот викенд, но договор не беше постигнат. Прекинот на огнот истекува за три дена. 

Во меѓувреме, последиците од кризата веќе се чувствуваат и надвор од регионот. Во туристичкиот град Кокс Базар во Бангладеш се формираа долги колони од автобуси и други возила пред бензинските пумпи, поради недостиг на гориво.

Возачи велат дека чекаат со часови за да наполнат резервоар, што ги одложува редовните поаѓања кон други делови од земјата. Дополнително, се жалат дека количините на гориво што им се одобруваат не се доволни за подолги релации.

„Дојдов тука, чекам во ред од утрото.“ 

„Колку е часот сега? Дојдов тука во 8 часот наутро, сега е 13:30, сега пресметајте колку долго сум тука.“

„Во големи проблеми сме со оваа криза. Ова е секојдневна мака за нас. Само два литра гориво не се доволни. Дојдов од Инани. Патувањата назад ми го трошат целото гориво. Изгорени се речиси еден до еден и пол литар гориво.“

Од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, многу земји се соочуваат со недостиг на гориво бидејќи се наруши глобалното снабдување со нафта.