Кариерен ден што ги отвора вратите за младите
Општина Штип во соработка со Стопанската комора и УГД по втор пат организираа Отворен и кариерен ден, со цел доближување на средношколците и студентите до бизнис секторот. На настанот зедоа учество 50-тина компании од различни дејности, кои нудат пракса, менторство и можности за вработување. Блиската конекција со реалниот сектор е клучна за примена на стекнатото знаење.
-Само поврзувањето со реалниот сектор, институциите и компаниите е можност да тоа што го научат на Универзитетот не остане на хартија туку да се реализира и тие навистина да бидат идни креатори на една успешна, здрава средина и да живеат во нашата држава, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.
Од Стопанска комора со став дека клучниот параметар за да се обезбеди развој, иновации и дополнително додадена вредност во системот е практичната настава на студентите, на кој начин ќе бидат подготвени директно да влезат на пазарот на трудот.
-Недостигот на високо квалификувана работна сила се повеќе ќе станува хроничен проблем, а спојувањето на практиката и науката уште од самиот почеток на профилирањето на кадрите, секако дека може да придонесе да имаме лесно вработливи и препознаени кадри на пазарот, изјави Татјана Штерјова Душковска, Стопанската комора на Македонија.
Штип се развива како втор универзитетски центар во земјата, но текстилството по по што градот беше препознатлив, во последните години е во „слободен пад“.
-Трудоинтензивната дејност е дејноста која го намалува интензитетот на работа. Не само заради намалување на профитот, туку и заради се помалиот број на работоспособна, односно заинтересирана работна сила во овој сектор, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Токму ваквите настани имаат за цел да ја зајакнат врската меѓу образованието и пазарот на трудот, со поголема практична вклученост на младите.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
