Македонија
23. April 2026 - 16:40

Ниту плата ниту мерки на ЕСС во Влада

Минималната плата и евентуални нови мерки повторно не се најдоа на дневниот ред на Економско-социјалниот совет во Владата. Синдикатите велат - кошницата континуирано расте и државата ќе мора да преземе акција.

- Јас не знам какви статистички податоци и операции гледаат владините претставници, но еве, ако е нешто добро, тоа што ги намалија акцизите и ДДВ-то за горивата, помогнаа. Меѓутоа, се разбира, тоа не беше доволно затоашто два месеци по ред вредноста на минималната синдикална кошница се зголемува за некои 1.000 денари, што покажува дека сѐ уште не е доволно и покажува дека треба поенергично да се пристапува кога се креираат мерките зашто мерките ни беа потребни вчера, а утре ќе биде доцна, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. 

Министерот Дурмиши, пак, уверува дека и покрај тоа што инфлацијата се искачи на безмалку 5%, анализата на Пазарен покажала само минимален раст од 0,43% на цените на основните прехранбени продукти. Уверува дека состојбата се следи постојано, но не најави нови мерки.

„На 5% инфлација, дали сметате дека не треба да има мерки, кусо ако може?“

- Треба да се гледа инфлацијата од кои причини е дојдена. Јас ви кажувам дека цените на основните прехранбени производи, кадешто ние сме надлежни, имаме механизми, толку се податоците што ги кажав, да не се враќам пак. Од другите причини ако се дојдени, нормално дека како Влада ќе реагираме исто како што сме реагирале овие изминати денови, рече Дурмиши.

Во меѓувреме, Владата постигнала договор со бензинските пумпи да ја намалат профитната маржа за плинот од 22 на 5%.

- Во малопродажба цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар. И се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен, институционален сигнал и координација, рече портпаролката на Владата, Марија Митева. 

Кризата на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец ѝ ги помати сметките на Владата околу годишната инфлација за годинава. Иако тие прогнозираа инфлација пониска од 3%, сепак, минатиот месец таа изнесуваше 4,9%.

Владата мораше да реагира во намалување на акцизата и ДДВ-то за горивата за да се избегне ценовен шок, но економистите предупредуваат дека во зависност од тоа колку ќе трае кризата со Иран, годишната инфлација би можела да се движи помеѓу 3,5% и 8,2%.