За Филипче власта ретерира од забраната за двојно државјанство
Опозиционерот Филипче смета дека најавата на премиерот Мицкоски дека за забраната за двојно државјанство на пратеници ќе се консултираат и правни експерти значи ретерирање од првичниот став на власта. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ се предомислила откако неговата СДСМ поднела амандмани и законски измени со кои изречно се бара забраната за двојно државјанство да се однесува и на тековниот собраниски состав, но и на владиниот кабинет.
Филипче не отстапува ни од ултиматумот дека, по измените на Законот за Влада, со кои се укинува техничката влада за вторите по ред наредни избори, СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик.
За власта, зборовите на лидерот на СДСМ се на политичар во паника.
- Филипче конечно си ја кажа маката. Судии и обвинители ќе испорачуваат правда, а пречка за ЕУ не е Бугарија, туку Мицкоски. Вакви тези може да каже само исплашен бугарски приврзок, чии храброст, морал и пари се во фиоките на бугарското разузнавање. Гордите носители на златни визи од Дубаи последни се што имаат право да зборуваат за било што поврзано со државни интереси. Ова што денес го прави СДСМ не е политика. Ова е паника!
За претседателката Силјановска, пак, нема правни пречки за да се забрани двојно државјанство за сите функционери.
Силјановска потврди дека ќе го потпише указот за измените на Законот за Влада, бидејќи и онака смета дека техничката влада и досега била неуставна. Сепак, апелира дека е добро, како што со дијалог била воведена, со дијалог да биде и укината.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
