Македонија
27. April 2026 - 16:31

Центар за хронични рани и гангрени ќе се гради во состав на геријатрија „13 Ноември” - Скопје

На местото на старите бараки во дворот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина ќе се гради Центар за хронични рани и гангрени. Одлуката треба наскоро да се најде на владина седница. Со ова треба да се реши долгогодишниот проблем на овие пациенти кои ги шетаат по болници и клиники. Малтретирање за болните беше и преодното решение со месечна ротација на здравствени установи кои третираат гангрени. Еден месец мораа да одат во Гостивар, друг во Велес, трет во Скопје...

- На приземје ќе има 18 амбуланти во кои ќе бидат застапени сите наши дејности и методи, ќе има и неколку амбуланти за третман на надворешни пациенти со хронични рани. На вториот кат планирана е и операциона сала со 4 кревети за интензивна нега и 12 кревети за постинтензивна нега за пациенти со гангрена, изјави д-р Ленче Нелоска, директорка на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје .

Со проширувањето на капациентите за сместување треба да се намали и долгата листа на пациенти со хронични состојби и деменција кои чекаат да бидат згрижени во установата. Но, според надлежните решението на овој проблем е градење на повеќе вакви регионални болници. 

Денеска на единствената од ваков тип специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ и беше доделен нов овој пат 5 годишен сертификат за акредитација  за квалкитет на здравствени услуги.