Македонија
28. April 2026 - 16:39

14 лица повикани во полиција за монструозното меѓуврсничко насилство во Ѓорче

Родители на децата кои малтретирале и се изживувале врз шестооделенка во паркот во Ѓорче се повикани во полициска станица. Инспектори земале изјави и со родителите на жртвата на монструзоното меѓуврсничко насилство. МВР по насока од јавен обвинител сериозно го истражува случајот, рече министерот за внатрешни работи. Досега на разговор се повикани 14 лица, за дел од нив ќе има и соодветни пријави.

Бидејќи станува збор за малолетнички надлежните во јавност ќе објавуваат редуцирани информации. Од обвинителството засега не кажуваат ниту дали е отворен предмет. Според Тошковски станува збор за сериозен проблем и мора да се делуваат сите надлежни иснтитуции.

- Апсолутно значајна е и улогата на родителите - нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и нивната вклученост во образовниот процес на децата. Затоа упатувам апел до сите родители и општествени чинители да се фокусираме заедно на овој проблем. Тој постои, присутен е, дел од случаите излегуваат во јавноста, дел не, но тоа не значи дека не постојат, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

По сопствена иницијатива и Народниот правобранител отвори предмет за грозоморниот случај каде три постари малолетнички поради Инстраграм расправија физички нападнале ученичка во шесто одделение, ја гореле со цигари и ја принудувале да јаде измет од куче во паркот во Ѓорче и тоа го снимале со телефон. Од кај Омбудсманот бараат итна институционална реакција и соодветна заштита на детето. Ќе се обратат до сите надлежни институции вклучително и до одговорните во основното училиште “Мирче Ацев”.

- За тоа дали биле преземени сите потребни мерки за превенција и навремена заштита, дали постоеле претходни индикации за насилство и како било постапено по нив, како се обезбедува тековната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите, изјави м-р Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител.

Случајот во Ѓорче е само еден во низата кои ја вознемирија јавноста. Речиси во сите ситуации на меѓуврсничко насилство други деца снимаат со мобилните и ги објавуваат видеата. Таква групна тепачка неодамна имаше и во училиште во Сарај.