46 години од смртта на Јосип Броз Тито
46 години од смртта на Јосип Броз Тито, доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Мислењата за неговата историска улога и дело се поделени.
За едни, Тито е симбол на стабилност, подобар живот, мир и меѓународен углед. За други, пак, тој останува пример за комунистички диктатор со огромна политичка моќ.
Тито е првиот државник во историјата, кој на плоштадот во Скопје во 1945, говори за Македонија и за Македонците, првиот што ја призна вековната борба за слобода и самостојност на македонскиот народ и неговиот автентичен идентитето јазикот, писмото, културата.
Од здружението “Титови леви сили” секоја година ги одбележуваат 4 и 25 мај.
- Тоа ни е останато како обврска да го сочуваме ликот и делото на другарот Тито, изјави Бошко Спасовски, претседател на Здружението “Титови леви сили”.
Во текот на своето владеење, Тито ја посетил Македонија 16 пати. Особено се памети неговото доаѓање во Скопје веднаш по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога следеше силна домашна и меѓународна поддршка за обнова на градот.
Последен пат бил во Македонија во 1978 година, кога беше пречекан од стотици илјади граѓани.
Тито почина 1980 година во Љубљана. По неговата смрт следуваше распадот на Југославија, но носталгијата по тоа време и денес е присутна – како симбол на стабилност, но и како потсетник на предизвиците со кои се соочуваме денес.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
