Loading Video...
Свет
16. May 2026 - 16:24

Преглед на вестите од светот

Началникот на белградската полиција е приведен заедно со уште 9 лица под сомнение за убиство и негово прикривање по мафијашка пресметка во српското подземје. Според информациите, началникот Веселин Милиќ на почетокот на неделава во ресторан во Белград договорил средба меѓу претставници на два спротивставени криминални кланови во обид да издејствува помирување. Но работите излегле од контрола при што Саша Вуковиќ Боске кој се поврзува со кавачкиот клан пред очите на полицискиот началник го убил Александар Нешовиќ Баја кој бил дел од криминалните структури во Нов Белград. Наместо да го пријави случајот, началникот заедно со своето обезбедување и персоналот во ресторанот го сокрил телото, ги избришал снимките од безбедносните камери и ја исчистил крвта. Полицијата ги приведе сите. Милиќ кој своевремено работел и како советник на Претседателот Вучиќ веќе доби 30 дена притвор а обвинителството ги обработува останатите осомничени.

Израел и Либан постигнаа договор за продолжување на примирјето за дополнителни 45 дена по дводневни преговори во Вашингтон, соопшти американскиот Стејт департмент. Официјално, прекинот на огнот меѓу двете земји  е во сила од 17 април и требаше да истече во недела, но сега е продолжен за да се овозможи напредок во преговорите. Според информациите, нова рунда разговори во американското Министерство за надворешни работи е закажана за 2 и 3 јуни, со цел да се постигне трајно политичко решение меѓу Израел и Либан.

Рускиот претседател Владимир Путин на 19 и 20 мај ќе престојува во официјална посета на Кина, соопшти Кремљ. Посетата ќе се одржи само неколку дена по престојот на американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг. Според Кремљ, Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг ќе разговараат за натамошно зајакнување на стратешкото партнерство и соработката меѓу Русија и Кина. 

Руските сили извршија голем напад врз Украина во текот на ноќтa. Според украински извори, лансирани блие близу 300 беспилотни летала од кои најголемиот дел биле пресретнати. Погодена била критична и станбена инфраструктура во регионот на Одеса, при што биле повредени неколку лица.