Македонија
19. May 2026 - 20:09

Помала државна партиципација за реновирани студентски домови, нови квоти за стипендии

Новите законски одредби носат нова поделба на студентските домови и процентот кој ќе го доплаќаат студентите. МОН предлага домовите формално да се делат на два типа, првиот ќе ги опфаќа енергетски ефикасните и реконструирани домови а во вториот постоечките капацитети.

Различна партиципација ќе се плаќа за сместување и исхрана во зависност од тоа во кој студентски дом ќе престојуваат студентите. За престој во реновинираните МОН ќе покрива 40 отсто од цената, додека за постоечките ќе изнесуваат до 50 отсто. Со измените се укинуваат и ковид мерките со кои се доделуваа средства за приватно сместување или превоз на оние кои не добиле место во студентски дом.

Бројот на стипендии кои ќе се доделуваат ќе остане ист но со законот се прави преуредување на квотите. Наместо досегашните 49 проценти, за социјалните категории сега се издвојуваат 40 отсто од вкупниот број стипендии, а во оваа група сега се додадени и студентите со попреченост и ретки болести. Се намалува и квотата за студенти со особен успех од 30 на 25 отсто.

За сметка на тоа, се воведува сосема нова категорија дури 35 отсто од стипендиите во иднина ќе се доделуваат за студиски програми од стратешки интерес.

Нови квоти за државни стипендии:

-Социјални категории (вклучува и студенти со попреченост и ретки болести) → 40% (намалено од 49%)

-Студиски програми од стратешки интерес → 35% (нова категорија)

-Студенти со особен успех → 25% (намалено од 30%)

За опозициската СДСМ ова е директен удар врз младите и создавање двокласен систем во високото образование. Од СДСМ обвинуваат дека власта го урива студентскиот стандард и бараат итно повлекување на предложените измени.

МОН тврди дека нема намалување на стипендиите туку се прави подобра внатрешна распределба по категории бидејќи во изминатите пет години квотата за социјални стипендии воопшто не се исполнувала па парите останувале неискористени наместо да се пренасочат каде што има потреба. Ги отфрлија обвинувањата со кои се вели дека ќе има зголемување на сумата која ќе ја плаќаат студентите.