Македонија
22. May 2026 - 16:35

Фицо го одби предлогот на Мерц за полесно проширување на ЕУ

Пропаѓа ли идејата на германскиот канцелар Мерц да се забрза динамиката во процесот на проширување, особено за Украина и Западен Балкан?

Словачкиот премиер Роберт Фицо експресно го одби предлогот на Мерц, кој вчера испрати писмо до тројцата челници на Унијата – претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Кошта и претседавачот со ЕУ, Кипар, во кое предложи земјите кандидатки од Западен Балкан и Молдавија да добијат статус на набљудувачи со привилегии што сега им се достапни и на членките, додека, пак, Украина да добие асоцијативно членство.

Фицо вели дека во Унијата нема атмосфера за такво нешто, посочувајќи дека државите кандидатки, особено Црна Гора, Албанија и Србија, треба да добијат приоритет пред Украина.

„Или некого примаме, или не го примаме. Денес во Европската Унија ја нема таа атмосфера за да се преземат чекори од таков карактер. Овие три земји треба да бидат примени во Европската Унија што е можно поскоро.“

Со оглед на тоа што промената на моделот на проширување Брисел ја носи со консензус, ваквите ставови на Фицо наговестуваат вето за предлогот на Мерц. Сепак, вистинските намери на Брисел за Западен Балкан ќе бидат појасни на претстојниот Самит на ЕУ за регионот, што треба да се одржи во Тиват на 5 јуни.

Во меѓувреме, ваквиот предлог отвори и меѓусебни препукувања на македонската политичка сцена. Откако опозицискиот лидер Филипче, по предлогот на Мерц, објави дека е подготвен да ја сподели одговорноста за носење на уставните измени и реформските закони со цел побрза интеграција на државата во ЕУ, појасни дека тоа не значи барање за широка коалиција.

„Каква широка влада? Кој зборувал за влада и коалиција? Јасно кажав – поддршка за европските интеграции и реформите. Да влеземе во тендер-коалицијата на Мицкоски? Од каде некому му падна на памет таква идеја? Ние не преговараме за фотелји и позиции. Ние зборуваме за иднината на Македонија во Европската Унија. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега“, напиша тој.

Речиси истоветна порака стигна и од самата СДСМ.

 „Мицкоски да не го користи нон-пејперот на Мерц како дополнително алиби и изговор да не се направат следните чекори, кои, како што сите укажуваат, не можат да бидат променети. Мерц не вели дека реформите не се потребни – напротив, овој предлог е само порака која треба да ги мотивира земјите кандидати да работат побрзо и поефикасно. СДСМ не се согласува со предлогот за придружено членство без полноправно членство во Европската Унија. Ние бараме целосно членство во Европската Унија.“

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, без да го коментираат предлогот на Мерц, велат дека ставовите на Филипче по ова прашање, всушност, се бугарски ставови.

„Филипче и СДС, кои немаат никаква визија, програма и концепт за тоа како треба да се води партија, а камоли држава, одат со главата во ѕид и се ставаат на услуга на бугарските власти, мислејќи дека со удоволување на нивните барања ќе дојдат на власт. Наместо Филипче да повикува на обединување за промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, може барем еднаш да застане на страната на Македонија, на македонската страна, и да се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на македонските интереси.“

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат и дека доделените европски пари од Брисел, најмногу во регионот, се доказ дека Владата добро ги спроведува реформите што ги бара Брисел.