ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си разменија обвинувања – кој е патриот, а кој предавник
Вистинскиот патриотизам е интеграција на Македонија во Европската унија, порачуваат денеска од СДСМ.
На одбележувањето на денот на Светите Кирил и Методиј, од партијата велат дека се горди што го заштитиле македонскиот јазик. Според опозицијата, благодарение на нивните храбри и државнички одлуки и со договорот со Фронтекс, македонскиот јазик денес е признат и рамноправен и во Европската унија и во Обединетите нации.
За жал загубивме години кои не смееме повеќе да ги губиме. Патриотизам не е создавање поделби меѓу граѓаните, изолацијата не носи добро на ниту еден народ. Вистински патриотизам е да ја обезбедиш иднината на државата, да го заштитиш идентитетот и да обезбедиш рамноправно место за Македонија меѓу европските народи. Интеграцијата во ЕУ, во големото европско семејство на рамноправни народи е најголемиот чин на патриотизам и најсилната гаранција за иднината на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Од ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска обвинуваат дека СДСМ се главни соработници на бугарската пропаганда во Македонија. Доказ за тоа е средбата на Земон со антимакедонскиот активист во Софија, Виктор Стојанов.
Освежувањето и засилувањето на Филипче и СДС со Рубин Земон заврши со големо фијаско. Дури и видни членови на СДС му укажале на Филипче дека со оваа работа отидено е предалеку, па затоа му било кажано на Рубин Земон да замине од СДС, но да продолжи со тоа што му е работа, а тоа е соработката со Бугарија и ширење на бугарска пропаганда. Филипче е фатен во небрано, откриени му се намерите и доколку вака продолжи СДС ќе стане ДООЕЛ, вели Валентин Манасиевски
Оставката која Земон по средбата ја поднесе од член на Извршниот одбор на СДСМ, лидерот на партијата вчера рече дека е одличен морален чин и доказ дека СДСМ не работи за бугарските, туку исклучиво за македонските национални интереси.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар
