Македонија
2. јуни 2026 - 20:18

Со законски измени ќе се бришат невработените, кои работат на црно

Ќе се прочистува списокот на невработени, кои се пријавуваат во Агенцијата, а работат на црно. Надлежните најавија законски измени, со кои јасно ќе се разграничи колку од 90-те илјади невработени, навистина се без работа.

Голем дел од нив се пријавуваат само за да не им се укине минималната загарантирана помош, вели првиот човек на Агенцијата и затоа веќе е формирана работна група, која на терен ќе проверува дали овие лица се неформално вработени. Се размислува во законот да се вметне и трајно одземање на правото за пријавување во Агенцијата, ако се утврди дека работат, а земаат помош. 

Во моментов пазарот има потреба од над 9,000 работници. Но на огласите објавени на Агенцијата за вработување, најголем дел од работодавачите ја нудат или минималната плата или пониска. Никој не смее да ја исплаќа плата под законскиот минимум, вели министерот за економија Дурмиши. Најави контроли и санкции во фирмите

- Не може да се нудат огласи со плата под минималната, имаме закон којшто е на сила. Бидете сигурни дека доколку навистина е така, односно се нудат работни места со плата под минималната, ќе преземеме мерки за тие да бидат санкционирани. Не може ниту една компанија да го злоупотребува законот, истакна Дурмиши. 

Невработените пак, кои сакаат да работат, ќе можат да отворат сопствен бизнис со пари од државата. Преку Оперативниот план за вработување, младите до 29 години можат да аплицираат до 10 илајди евра, а над 29 – 7 илајди евра. За лицата кои ќе се вратат од странство во земјава, ќе добијат и дополнителна сума. Огласите ќе бидат објавени наскоро, а предвидено е да опфатат 10,000 невработени.