Бизнис
3. јуни 2026 - 16:32

Македонија меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа

Додека многу европски земји се борат со енергетската криза, високите цени и економската неизвесност, македонската економија бележи раст. 

Според најновите бројки на Државнa статистика, економијата во првите три месеци од годинава пораснала за 3,1 процент. Премиерот Мицкоски нагласи дека според податоците на Евростат, Македонија е меѓу петте земји во Европа со најголем економски раст.

„Вредноста на растот на БДП според Еуростат, значи ова не вели Владата, не Христијан, не партиите туку Еуростат. Според Еуростат дадени се државите според остварениот раст на БДП, бројка како процент од БДП и ќе забалежите дека ние сме на 5тото место споредено со државите за кои што растот од страна на Еуростат е објавен, но веднаш позади Малта, Полска, Србија се наоѓаме ние практично“, рече Мицкоски.

Добри бројки, според него, доаѓаат и од индустријата. Во април годинава фабриките и производствените капацитети произвеле за 7,6 проценти повеќе отколку во истиот месец лани. 

„И со тоа во првите четири месеци од годината, во првата третина од 2026та година како ретко која држава во Европа имаме индустриско производство коешто ни е во позитива, мала, 0,2 %, но не е во негатива  во услови кога ја имаме најголемата, епски, енергетска криза во светот“, вели Мицкоски.

Премиерот посочи и дека расте бројот на вработени. Во изминатите 21 месец од мандатот на оваа Влада биле отворени околу 16 илјади нови работни места.

„Сакам да нагласам дека сум целосно свесен за сложеноста на работите од реалниот живот и тешките околности со кои се соочуваат граѓаните, но со кои и ние како влада се соочуваме. Ги разбирам проблемите, скапиот живот и секојдневните притисоци. Можеби некој има дилема за развојот што го креираме, а ќе има и такви кои на ова ќе гледаат како со потсмев, но сакам да нагласам дека нашата цел е да одиме чекор по чекор напред и грчевито да продолжиме да се бориме за подобар живот“, кажа Мицкоски. 

Мицкоски смета дека овие податоци ќе бидат разочарување за сите кои, како што рече, шират лаги и се молат државата да не успее.

Наместо изговори, премиерот најави фокус на решенија: справување со увезената нафтена криза, привлекување инвестиции и враќање на долговите.

Министерката за финансии Кочоска, рече дека државата целосно го вратила долгот од 700 милиони евра земен преку еврообврзница во 2020 година. Дел од тие пари биле вратени и пред рокот, со што биле заштедени повеќе од три милиони евра за камати.

„Ова е дел од пошироките активности што континуирано ги преземаме за навремено и редовно сервисирање на сите обврски на државата. Имајќи ја предвид економската неизвесност, Владата останува со сериозен фокус на внимателноста во трошењето“, рече министерката.

Од втората половина на 2024-та до денес, државата вратила 4,6 милијарди евра стари долгови.

Предизвиците не запираат тука. Од 2027 до 2031 година за отплата доспеваат нови 9 милијарди евра.

Година Износ за отплата

2027 1,4 милијарда евра

2028 1,9 милијарди евра

2029 1,1 милијарда евра

2030 1,7 милијарди евра

2031 1,2 милијарди евра

Кочоска вели во тек се подготовките за ребалансот на буџетот. Нагласи дека дефицитот нема да биде повисок од ланскиот. Иако се можни одредени промени поради мерките за горивата, најави внимателно трошење на државните пари.