Македонија
5. July 2026 - 16:36

Анкета: Голем број граѓани поддржуваат да се ограничи пушењето цигари на јавни места

Огромно мнозинство граѓани го поддржуваат законот за заштита од пушење, покажува вториот дел од анкетата на Маркет вижн за МКД.МК

Речиси 84% од граѓаните се запознаени со законските измени, а од нив 68% поддржуваат да се ограничи пушењето цигари на јавни места и во угостителски објкети. Една третина од граѓаните пак се против законските измени кои веќе го поминаа првиот филтер во Собранието, а конечно усвојување се очекува по амандманската расправа.

Голем е бројот на граѓани кои имаат негативен став и за продавниците за пари и брзите кредити. Речиси 88% проценти сметаат дека брзите кредити се социјално штетни и неоправдани, создаваат зависност и финансиски проблеми и ја користат ниската финансиска писменост на граѓаните.

Во однос на вчерашниот дел од анктета кој покажа убедливно водство на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и по две години власт, премиерот и денеска вели дека нивниот фокус останува работење во интерес на граѓаните, додека опозицијата секојдневно шири лаги.

Од СДСМ пак велат дека анкетите се нарачани за да го прикријат слободниот пад на рејтингот на Мицкоски.

-Мицкоски, поради сопствените лаги во кампањата и сега додека ја води владата, толку многу го изгуби рејтингот, а криминалната организација ВМРО-ДПМНЕ загуби преку 150.000 гласови. Мицкоски упорно бара алиби од опозицијата за избори. Секојдневно инсистира некој од опозицијата да го „предизвика“ на избори, иако факт е дека тој веќе ги има зацртано датумите.  Не може повеќе да чека економијата и буџетот целосно да се урнат.  Како што предупредивме - кога ќе нема повеќе пари, односно кога ќе се исцрпи можноста за задолжување за криминални партиски тендери, Мицкоски ќе биде принуден да распише предвремени избори, стои во реакцијата на СДСМ.

Истражувањето на Маркет вижн е спроведено во периодот од 10 до27 јуни, на репрезентативен примерок од 1200 испитаници.